Војната со Иран се шири кон Црвеното Море; Трамп бара излез
Конфликтот стигна до втора клучна поморска рута, додека Вашингтон интензивира дипломатски напори пред 3 ноември.

25 септември 2026 — Речиси седум месеци откако почна војната со Иран, политичко решение сè уште не се гледа, а судирите се проширија од Ормускиот Теснец и врз втор важен енергетски коридор преку Црвеното Море. Хутите од Јемен, поддржани од Техеран, ги интензивираа нападите врз Саудиска Арабија и сè почесто таргетираат енергетска инфраструктура и извозни рути преку Црвеното Море.
Според наводите на „Њујорк тајмс“, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман на 20.09 му се јавил на американскиот претседател Доналд Трамп за да побара повторна интервенција на САД поради брзото напредување на групата. Трамп наводно размислувал за воздушни напади врз Хутите, но се откажал. „Фокс њус“ пренесе дека, според Трамп, Хутите ветиле оти нема да напаѓаат американски цели, а „Аксиос“ објави дека Трамп веќе еднаш ја одбил молбата на Саудиска Арабија за напад врз Хутите.
Американскиот претседател се обидува да ги оствари своите цели во конфликтот со Иран пред изборите на 3 ноември, во услови на растечки цени на бензинот и дизелот. “Претседателот Трамп сака да го заврши конфликтот со Иран од позиција што ќе му овозможи да тврди дека нуклеарните и воените капацитети на Иран се значително ослабени, слободата на пловидба е повторно воспоставена, а Техеран е принуден да се врати на преговарачката маса“, вели експерката за Иран Фатемех Аман.
Воени акции и дипломатски потези
САД му наметнаа значителни воени и економски трошоци на Иран и, според оценките, постигнаа напредок во слабеењето на дел од воените капацитети на земјата. Сепак, тоа не доведе до капитулација на Техеран ниту до траен договор. Сè уште постои јаз меѓу воениот притисок и политичкото решение.
Во среда, на 23.09, Трамп се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг во Вашингтон; Кина е убедливо најголемиот откупувач на иранска нафта и важен политички партнер на Техеран. Вашингтон се надева дека Пекинг ќе го искористи своето влијание врз Техеран, особено во врска со обезбедувањето на поморскиот саобраќај во Ормускиот Теснец. Истовремено, Трамп беше подготвен за средба со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој ќе дојде во Њујорк за Генералното собрание на ОН. Се очекуваат и високи претставници од земјите од Заливот; според „Аксиос“, Трамп планира да разговара за конфликтот со неколку делегации на маргините на Генералното собрание.
Заливските држави не сакаат натамошни ескалации. “На прв поглед се чини дека нема многу заедничко меѓу Иран и земјите од Заливот”, вели експертот за Блискиот Исток Фарзан Сабет. Тој додава дека, зад кулисите, постои барем заеднички интерес да се спречи понатамошна воена ескалација. Владите во Заливот заклучиле дека директна и обемна воена конфронтација со Иран би била стратешки прескапа и затоа генерално се залагаат за деескалација и прагматично намалување на тензиите.
Според иранскиот безбедносен функционер Мохсен Резаи, Техеран бара САД да ги прекинат борбите на сите фронтови, да се одмрзнат иранските средства и да се укине поморската блокада. Разговорите со Катар и Оман продолжуваат, а Техеран чека одговор од Вашингтон. Дали овие дипломатски канали можат да доведат до крај на војната останува неизвесно: Вашингтон, Техеран и земјите од Заливот и натаму имаат спротивставени цели.
Фото: припадник на владините сили во Јемен)


