Почетна
Македонија

Враќање на платениот паркинг: Советот на Велес ја започна постапката

Општината усвои зони и регистар; управниот одбор на ЈП треба да ги подготви правилниците и цените.

·Македонија
Враќање на платениот паркинг: Советот на Велес ја започна постапката

Советот на Општина Велес почна етапна постапка за враќање на платениот паркинг, откако на последната седница ја усвои точката со која се уредуваат јавните паркиралишта од значење за општината.

„Носењето на оваа одлука не значи дека автоматски од утре започнува платениот паркинг во Велес. Тоа е чекор во подготовка на воведување на платен паркинг во иднина“, кажа Панче Јанев, секретар на Општина Велес.

Советничката Анета Стаиќ ја поздрави одлуката, но посочи дека документот остава голем простор за одлучување на јавното претпријатие што треба да го управува системот.

Кој ќе ги утврдува правилата и цените

„Се остава многу простор за носење одлуки на јавното претпријатие 'Парк, спорт и паркинзи'. Управниот одбор сам ги донесува правилниците за управување и користење на паркинзите и за цените, а не Советот. Таков случај беше во Општина Центар во Скопје. Во пракса, УО сам ќе одлучува за резидентно паркирање, која е потребната документација, за блокирање на возила и паркинзи за лица со попречености“, кажа Стаиќ.

Претседателот на Советот, Даниел Јаневски, изјави дека сите правилници што ќе ги изработи Управниот одбор на ЈП ќе бидат доставени до Советот кој потоа ќе одлучува за нивната важност и усвојување.

Според изготвениот регистар, паркирањето со наплата во Велес ќе биде поделено во зони: зона А — 173 паркинг места, зона Б — 581 место и зона Ц — 209 места. Вкупно во регистарот се наведени 963 паркинг места, вклучувајќи ги и 100-те места од подземната катна гаража која е во изградба.

Улиците Благој Ѓорев од Авона надолу и 8 Септември од Пошта до саатот, каде поради трета лента секојдневно има паркирани стотици автомобили, засега ќе бидат ослободени од наплата поради нивниот статус на регионални патишта. Локалната власт објаснува дека тоа ќе трае додека не се изгради обиколницата околу Велес за Чашка, чија изградба се најавува веќе една година.

Решението потсетува дека платениот паркинг првпат беше воведен во декември 2020 година, во пракса работеше околу шест месеци и беше ставен во мирување во април 2022 година поради финансиски загуби при работењето.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи