Почетна
Македонија

Враќањето на листата за судија во Стразбур ги спротивстави Комисијата и еден од претендентите

Комисијата не коментира изјави на кандидати, но во својата реакција јасно упати забелешка кон поранешната уставна судијка Наташа Габер-Дамјановска.

·Македонија
Враќањето на листата за судија во Стразбур ги спротивстави Комисијата и еден од претендентите

Комисијата која го води изборот на кандидат за судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур денеска одговори на критика упатена од еден од учесниците во постапката, поради повторното враќање на листата со тројца предлози.

Комисијата не сака да влегува во јавни спорења, но одговорот упатува јасна забелешка

Во официјалниот одговор Комисијата наведува дека нема да ги коментира изјавите и ставовите на кандидатите кои се пријавиле и учествувале во огласот и постапката. И покрај тоа што не е наведено име во реакцијата, од текстот и од одредени пасуси се разбира дека забелешката е насочена кон поранешната уставна судијка и ексдиректорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.

Габер-Дамјановска јавно напиша на Фејсбук: „За да се враќа листата толку пати, значи Комисијата не си ја завршила работата како треба, според Упатството на Советодавниот панел. Срамота“.

Во реакцијата Комисијата наведува неколку факти: „Прво воопшто не е невообичаена практика Експертскиот панел во постапката за избор на судии да има забелешки на предлозите за судии, и во таа насока Експертскиот панел во својата практика има досие на враќање на цели листи или на одредени кандидати од тие листи.

Второ, Експертскиот панел во извештајот по поднесената листа немаше никаква забелешка на работата и постапките на Комисијата за избор на кандидати за судија на РС Македонија во ЕСЧП.

Конечно, и покрај принципиелниот став, Комисијата сепак смета дека е неприфатливо кандидат кој е незадоволен од работата на Комисијата, нејзината работа да ја квалификува на недостоен начин. Во таа смисла доколку и Комисијата одговори на истиот начин, одговорот би бил дека тој кандидат е подобро да се соочи со срамот за неговата работа, кој е нотиран во извештај на Државниот завод за ревизија, наместо да дава неумесни квалификации за работата на Комисијата“,

се вели во реакцијата на Комисијата за избор на кандидати за судија од Македонија во Стразбур.

Спорот следува по оценката на Советодавниот панел на меѓународни експерти дека предложената кандидатка Ана Дангова-Хуг не ги исполнува во целост критериумите за судија во Стразбур, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја извести Комисијата и таа на седница одржана на 20 август едногласно ја предложи адвокатката Јелена Ристиќ како замена. Оваа промена ја потврди и претседателот на Уставниот суд и претседател на Комисијата, Дарко Костадиновски.

Постапката за избор трае околу една и пол година и беше прекинувана и повлекувана неколку пати. Претходно, различни состави на Комисијата предложија листи кои Владата на 22 јули лани ги поништи и го промени составот на Комисијата, која од девет беше намалена на пет члена и ја предводи претседателот на Уставниот суд.

Наташа Габер-Дамјановска беше меѓу пријавените и повикани на интервју, но не се најде на ниту една од трите финални листи. Таа во 2016 година стигна до финалето и тогаш беше прв предлог на надлежната комисија, но на пленумот тогаш беше избран Јован Илиевски по контроверзии за лобирања и сомнежи за корупција.

Габер-Дамјановска беше директорка на Академијата за судии и јавни обвинители до јули 2024 година, кога поднесе неотповиклива оставка; во извештајот на Државниот завод за ревизија за 2024 година беа нотирани проблеми поврзани со исплата на надоместоци, постапки за јавни набавки и контрола на трошењето на јавните средства. Во октомври 2024 година Управниот одбор избра за нова директорка обвинителката Ирина Трајкоска-Стрезоски.

Сè додека не биде избран нов судија, функцијата во Стразбур ја врши Јован Илиевски, кој беше назначен во период кога неговиот баџанак Сашо Мијалков беше директор на тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Поврзани написи