Врховен ја укина пресудата за несреќата кај „Ласкарци“, предметот се враќа на повторно постапување
По барањата за вонредно преиспитување, Врховниот суд ја укина пресудата на Апелација КЖ-979/24 и го врати предметот на повторно одлучување.

Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје и предметот за автобуската несреќа кај „Ласкарци“ е вратен на повторно постапување и одлучување, соопшти судот по седницата одржана на 9 септември.
Советот за казниви дела ги прифати барањата за вонредно преиспитување
Советот за казниви дела при Врховниот суд одлучувал по предметот КВП2-86/25 откако осудените преку своите бранители поднеле барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.
„ Барањата за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените преку нивните бранители, се уважуваат, пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-979/24 од 17.04.2025 година се укинува и предметот се враќа на повторно постапување и одлучување“, соопштија од Врховниот суд.
Случајот се однесува на автобуска несреќа од 2019 година во близина на селото Ласкарци, кога автобус на Дурмо турс излета од патот — во несреќата загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени.
На 9 мај Апелациониот суд во Скопје им ја зголеми затворската казна на неколку обвинети: на газдата Белули казната му беше зголемена од четири на десет години, на Мифтари од шест на десет години, а возачот Мануел Трифуновски остана со 14 години затвор. Уште тројца вработени во станицата за технички преглед добија по 5 и по 7 години затвор.
Со укинувањето на апелационата пресуда, предметот повторно ќе биде доставен до надлежните судски инстанци за ново разгледување на доказите и повторно одлучување.
Фото: прес-материјал од настанот


