Врховниот суд го образложи укинувањето на пресудата на Апелација за „Ласкарци“
Судот вели дека Апелацијата не доведе јасна врска меѓу дејствата на обвинетите и сообраќајната незгода и побара дополнителни вештачења.

Врховниот суд го укина решението на Апелацискиот суд за трагедијата кај Ласкарци и го врати предметот на повторно одлучување, оценувајќи дека второстепениот суд недоволно се осврнал на поврзаноста меѓу дејствата на обвинетите и сообраќајната незгода и не наредил супервештачење за здравствената состојба на возачот. Несреќата во 2019 година однесе 16 животи, а околу 30 патници беа повредени.
Врховниот суд укажува на недостатоци во вештачењата и мотивирањето
Според образложението на Врховниот суд, од спроведените вештачења и супервештачењето произлегува дека причина за сообраќајната незгода е пропустот на осудениот М.Т., при што е нотирана и неуредната техничка состојба на автобусот, но судот не покажал „во која мера влијаела таквата неисправност и како таа се одразила во причинување на предметната незгода.“
Судот наведува дека од вештачењата јасно произлегува отсуство траги на кочење. Дополнително, според судските експертизи сообраќајната ситуација настапила со насочување на автобусот кон лево, по кое следело напуштање на средната сообраќајна лента и дека, „според растојанието и времето, возачот немал техничка можност со сопирање да го избегне контактот со првата елестична метална ограда.“
Врховниот суд го критикува и начинот на кој второстепениот суд заклучил дека „неспорно произлегува дека во дејствијата на останатите осудени се содржани елементите на кривичните дела кои им се ставаат на товар“, посочувајќи дека тоа не е јасно образложено на основа на докази и факти.
За возачот Трифуновски, кој е осуден на 14 години затвор, судот забележува дека требало да се направи супервештачење оти постојат спротивставени вештачења поднесени од спротивните страни.
Апелациониот суд на 9 мај ги зголеми казните: на газдата на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули Белули, од четири на десет години, на одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари од шест на десет години (моментално е во бегство), а на уште тројца вработени во станицата за технички преглед им се изречени казни од по пет и по седум години затвор. Несреќата се случи во 2019 година.
Фото: прес-материјал од настанот


