Почетна
Свет

Врховниот суд на САД им даде право на родители да изземат деца од ЛГБТ наставни содржини (Mahmoud v. Taylor)

Случајот „Махмуд против Тејлор“ од 27 јуни 2025 ја промени праксата на училишните одбори во однос на известувањето и изземањето по верски приговор.

·Свет
Врховниот суд на САД им даде право на родители да изземат деца од ЛГБТ наставни содржини (Mahmoud v. Taylor)

Со одлука донесена на 27 јуни 2025 година во предметот „Махмуд против Тејлор“, Врховниот суд на САД пресуди со мнозинство од шест гласа „за“ и три „против“ дека училишниот округ Монтгомери мора однапред да ги извести родителите и да им овозможи избор да ги изземат своите деца од часови каде што се обработуваат содржини поврзани со ЛГБТ теми.

Спорот почна откако во 2022 година училиштето воведе нови материјали по англиски јазик за ученици од предучилишна возраст до петто одделение, меѓу кои и книги што прикажуваа различни семејни модели — вклучувајќи истополови брачни двојки и трансродови луѓе — со цел да се промовира различноста.

При воведувањето, округот им овозможуваше на родителите да бидат известени и да побараат изземање на децата од конкретни часови. Поради нагло зголемување на бројот на барања за изземање, училиштето во март 2023 година ја укина таа пракса, наведувајќи организациски тешкотии и нарушување на наставниот процес.

Група родители од муслимански, католички и православни заедници поднесе тужба, тврдејќи дека државата не може да ги принудува нивните деца да учествуваат на активности кои се директно во судир со нивната вера. Федералниот окружен суд и Апелациониот суд за Четвртиот округ првично одбија да издадат привремена мерка, а после тоа предметот беше прифатен од Врховниот суд, кој одржа усна расправа во 2025 година.

Во образложението мнозинството нагласи дека политиката на округот претставува „значително оптоварување“ врз правото на слободно практикување на верата и дека задолжителната изложеност на одредени наставни активности кај многу мали деца може „значително се меша во верскиот развој“ на учениците. Судот додаде дека таква политика е противуставна освен ако училиштето не покаже дека таа служи на „особено важен“ јавен интерес и дека е „тесно приспособена“ за да ја постигне таа цел.

По пресудата, јавните училишта во округот Монтомери најавија усогласување на практиките и воведоа алтернативни наставни задачи за учениците кои нема да присуствуваат на спорните часови. Судската разрешница беше финализирана во февруари 2026 година со спогодба според која округот е правно обврзан да обезбедува претходно известување и могуќност за изземање по верски приговор, а исто така предвидува и исплата на 1,5 милиони американски долари на родителите што ја поведоа постапката. Судот истовремено го ограничи досегот на својата одлука, појаснувајќи дека секој иден случај ќе се оценува поединечно, врз основа на природата на наставната активност, возраста на учениците, конкретните верски убедувања и степенот на влијание врз верскиот развој на детето.

Фото: МИА

Поврзани написи