Почетна
Политика

Законот за правична застапеност на чекање — компромис или нова политичка блокада на есен?

Вреди повикува на разговори, ДУИ ги повторува забелешките за недоволни гаранции; спорот сега се врти и околу видот на Бадентеровото мнозинство.

·Политика
Законот за правична застапеност на чекање — компромис или нова политичка блокада на есен?

Летната пауза на пратениците го остави Предлог‑законот за соодветна и правична застапеност во лавиринт на неизвесност: останува да се види дали власта и опозицијата ќе најдат среден пат за да го заменат привременото решение — познатиот Балансер — со трајна законска рамка.

Дијалогот засега е во застој. Од партијата Вреди, која е дел од владиниот табор, повикуваат на конструктивност и брзо враќање во преговорите пред почетокот на есенската пленарна расправа.

Позициите се зацврстуваат

Партискиот портпарол Дритон Сулејмани директно порача дека „подготвени сме да разговараме“, и ги повика опонентите од Демократската унија за интеграција да ги прекинат блокадите. Тој подвлече дека разговорот треба да биде обостран и дека не може еднострано да се наметнуваат иницијативи додека на другата страна преовладуваат само спречувања.

„Да разговараме за тие работи, но тоа треба да биде обострано. Не можеме само ние да наметнеме такви иницијативи, а од друга страна да имаме само блокади. За нас е важна и правичната застапеност, но важно е и тие луѓе што ќе влезат во институциите да произведат добри услуги за граѓаните. Се надеваме дека ДУИ ќе престане со блокадите кои за жал ги прави и го злоупотребува Бадентеровото мнозинство. И се надеваме дека и тие ќе бидат дел од гласањето“, изјави Дритон Сулејмани, портпарол на Вреди.

Од Интегративците, пак, јасно одговараат дека не гледаат услов кој ќе ги натера да го поддржат законот во сегашната форма. „По амандманската расправа, во која, ниту еден амандман не беше прифатен, остануваме на ставот дека овој Закон нема да го поддржиме. Причините сме ги кажале повеќепати: нема етнички квоти, нема институционални механизми за негова имплементација и не содржи санкции за институциите што нема да го почитуваат“, порачаа од Демократската унија за интеграција.

Во јули имаше неуспешен обид законот да биде доведен до гласање. Пред летната пауза, спорот се префрли и на прашањето за Бадентеровото мнозинство: ДУИ побара „голем Бадентер“ — мнозинство од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници — и тврди дека владејачката коалиција нема поддршка ни за „мал Бадентер“. Од владината страна порачаа дека ќе ја испорачаат верзијата со „мал Бадентер“, односно мнозинство од присутните пратеници од немнозинските заедници, и тоа и без поддршка од интегративците.

Првите недели по летото ќе бидат критични: или ќе се најде компромис и законот ќе се врати на пленарна расправа, или конфликтот ќе прерасне во ново парламентарно ќор‑сокаче со почетокот на есенската сесија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи