Здравството доби 100 нови амбулантни возила, Клековски: најмногу фалат возачи
Сашо Клековски промовира 100 нови амбулантни возила, 60 од нив за итната медицинска помош и најави дополнителни набавки и реформи.

Сто нови амбулантни возила ќе бидат распределени низ здравствените установи во земјата, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски на промоцијата на возниот парк. Возилата се опремени со ЕКГ, респираторна поддршка и со дефибрилатори, а имаат комфор зона и регулација на вентилација и климатизација.
Во моментов во земјата има 140 активни возила. Од новите сто, 60 ќе бидат наменети за зголемување на капацитетот на Итната медицинска помош, додека останатите ќе служат за замена на дотраените возила. За набавката беше распишан тендер, а набавката ќе чини 7,5 милиони евра.
Критериуми за дистрибуција и ставање во употреба
„Анализата е направена и со утврдени јасни критериуми за дистрибуција. Овие возила веднаш ќе бидат ставени во употреба по неопходната обука на тимовите за новите можности што ги нудат овие возила“, рече Клековски, објаснувајќи дека локациите ќе се определуваат според демографија, територија што се покрива, број на интервенции годишно, број на транспорт и дотраееност на возилата.
На новинарско прашање за недостигот на кадар во Брзата помош, министерот рече дека Министерството за здравство изработило национална анализа на кадрите по категории — возачи, лекари и медицински сестри — со прогноза за пензионирања до 2030 година. „Најтесното грло се возачите, а врз основа на тие анализи кои се подготвени во Министерството за здравство ќе комуницираме со соодветните здравствени институции и со Министерството за финансии“, додаде тој.
Клековски најави и дека реформите во итната медицинска помош ќе продолжат. „Меѓутоа, не се возилата единственото нешто што е неопходно да го промениме во итната медицинска помош. Во основа, овојпат сакаме да направиме повеќе промени и реформи во итната медицинска помош. Прв чекор е веќе започнат, тоа е одвојувањето на Итната медицинска помош во посебна служба од Здравствениот дом Скопје, со намера тоа да оди понатаму на национално ниво. Подготвуваме носење на национални стандарди за тријажа, што треба да доведе до унифицирано постапување на сите служби за итна медицинска помош и во некој одреден период да воведеме и национален диспечерски центар за координација на различните тимови. Граѓаните не ги знаат општинските граници на здравствените домови и соодветно на тоа, ние мораме да реагираме без разлика кој од каде е, најблиска што може да пристигне на време. Една од планираните реформи е постепено воведување на парамедици во тимовите на итната медицинска помош, со што би се ослободиле лекарите за итните центри, бидејќи итната медицинска помош треба да ги транспортира пациентите до одреден ургентен центар“, рече министерот за здравство.
Министерот најави и разговори за набавка дополнителни 50 возила следната година. Од министерството предупредија дека и покрај новите возила, во земјава недостигаат 52 тимови за брза помош и дека бројот на оперативни тимови секоја година опаѓа.
Фото: Министерство за здравство)


