Почетна
Македонија

Зелена трансформација: „Стев Наумов“ во Битола произведува струја и ги намалува сметките

Покривот произведува струја, фасадата ја задржува топлината, а новите системи ја намалуваат зависноста од нафта и трошоците.

·Македонија
Зелена трансформација: „Стев Наумов“ во Битола произведува струја и ги намалува сметките

Основното училиште „Стев Наумов“ во Битола ја заврши серијата енергетски зафати кои го сменуваат начинот на работење на објектот — од греење на нафта и губење топлина преку фасадата и прозорците, до покрив што произведува струја и системи за загревање на базата на топлински пумпи.

Изолација, фотонапонски панели и потоа – топлински пумпи

„ Кога станав директор веќе беше сменета дограмата. Потоа започнавме со проектот за енергетски ефикасна фасада. Со добивањето на проектот, кој е во вредност од 7 милиони 681 илјада денари, автоматски се приклучивме кон училиштата кои можат да преминат на втората фаза со поставување на фотоволтаици. Во моментот поставуваме и топлински пумпи, така што училиштето навистина станува зелено училиште.“ Никола Пискачев, директор на ОУ „Стив Наумов“ – Битола

Директорите и општинските службеници објаснуваат дека редоследот е пресуден: прво се намалува загубата на енергија преку покривот, прозорците и фасадата, а потоа инвестициите во обновливи извори можат да донесат вистински заштеди. Новиот покрив сега произведува дел од струјата што ја троши училиштето, фасадата ја задржува топлината, а старите котли на нафта полека се заменуваат.

„Тоа значи исфрлање на нафтата како енергенс, односно загадувањето. Ние придонесуваме до чиста зелена енергија и еколошка средина. Училиштето прави големи заштеди со поставувањето на енергетско-ефикасната фасада, бидејќи не бега таа енергија која ја имаме.“ вели Никола Пискачев, директор на ОУ „Стив Наумов“ – Битола

Емилија Сарафска од Одделението за економски развој во Општина Битола потенцира дека училиштето е логичен избор за топлински пумпи затоа што не е опфатено со топлификацијата и дека од следната грејна сезона се очекуваат подобри услови за учениците, додека истиот систем ќе ја опслужува и спортската сала.

Градоначалникот Тони Коњановски вели дека иницијативата надраснува индивидуални проекти и прераснува во системска политика: „Уште од почетокот на мандатот активно се вклучивме во процесот на имплементација на решенија за зголемена енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Денес имаме поставено фотоволтаици во 10 училишта – седум основни и три средни. Веќе имаме проекти за уште три, така што до крајот на годината ќе имаме 13 училишта покриени со фотоволтаици,“ рече тој, додавајќи дека преку енергетска заедница од Виена Битола е избрана да учествува во пилот-проект за градење капацитети на општините за обновливи извори.

Финансиските придобивки веќе се гледаат во буџетите на училишта: „Во училиштето ‘Крсте Петков Мисирков’ за само една година од поставувањето на фотоволтаиците заштедата беше повеќе од 95 илјади денари. Ако ги собереме сите објекти во кои има поставени обновливи извори на енергија, денес зборуваме за околу 17 илјади евра годишна заштеда. Очекуваме со поставувањето на топлинските пумпи тие заштеди дополнително да се зголемат. Не е само економскиот аспект — со поставувањето на обновливите извори на енергија се намалуваат емисиите на јаглерод диоксид за околу 200 до 220 тони годишно. Тоа е придобивка која можеби не ја гледаме секој ден, но е исклучително важна за животната средина.“ вели Емилија Сарафска.

Во ОУ „Стив Наумов“ средствата од продадената електрична енергија веќе се враќаат кај учениците. Учениците предлагаат проекти, а најдобрите идеи се реализираат: „Со поставувањето на фотоволтаиците дојдовме до заштеда на електрична енергија. Фотоволтаиците произведуваат струја, при што од 7 до 12 проценти од произведената електрична енергија на месечно ниво се користи за потребите на училиштето. Останатата електрична енергија се пласира на слободниот пазар, а средствата што се остваруваат од нејзината продажба повторно се вложуваат во училиштето. Учениците предлагаат проекти за кои ќе се искористат тие средства, а најдобрата идеја се реализира. Децата направија три групи на проекти. Најдобриот проект го избраа учениците од седмо одделение – да направиме отворена училница. Очекуваме веќе од први септември наставата да може да се одвива и надвор. Тоа е уште една придобивка од фотоволтаиците,“ вели Никола Пискачев.

Инсталираните панели се првиот видлив чекор во поширока енергетска транзиција — општинските власти велат дека следниот предизвик е да се прошири истиот пристап и во другите јавни институции за да се обезбедат долгорочни придобивки и за буџетите и за животната средина.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи