Зеленски: Во напад врз станбена зграда во Одеса повредени 17 лица, меѓу нив три деца
Нападот ги оштети катовите од 10-ти до 17-ти; 13 региони претрпеле штета, а Киев бара повеќе одбранбени средства.

Во напад со дрон на руските сили врз станбена зграда во Одеса повредени се 17 лица, меѓу кои и три деца, а итните служби продолжуваат да работат на местото на ударот, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој наведе дека нападот нанел оштетувања од 10-тиот до 17-тиот кат на објектот.
Штети и пожари во повеќе региони
„Исто така се работи на санирање на последиците од нападот во окрузите Обухив и Бориспол. Припадниците на Државната служба за вонредни ситуации го гасат пожарот во магацин на една фармацевтска компанија. Напади беа извршени и врз Никопол, Херсон, Суми, Запорожје и Хмелницки“, наведе Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Зеленски додаде дека вкупно 13 украински региони претрпеле штета само во текот на изминатата ноќ и дека во многу градови сирените за воздушна опасност „практично не се гасат поради заканата од напади со руски дронови на млазен погон.“
„Непријателот не прави пауза, Русите најдоа нов начин за ескалација и немаат намера да забават“, порача украинскиот лидер и повика на посилен одговор.
Тој истакна дека на Киев му е потребна побрза производство на одбранбени средства во соработка со Европа, со посебен акцент на противвоздушна одбрана од ракети и дронови. „Европа може да биде самодоволна и силна, а многу од тоа е веќе направено во тој правец во последните години, и само така може да се заштити себеси и својот начин на живот“, додаде Зеленски.
Зеленски дополни дека Киев секојдневно работи со своите партнери на нови одбранбени пакети и им се заблагодари на сите кои помагаат во заедничката одбрана на Украина.
Фото: прес-материјал од настанот


