Почетна
Македонија

Земјоделство со еден телефон — Битолски иноватори го создадоа Agrimak

Апликација од тим од Битола ја дигитализира евиденцијата, пресметките за влезни материјали и подготвува бизнис‑планови.

·Македонија
Земјоделство со еден телефон — Битолски иноватори го создадоа Agrimak

Земјоделецот да ја управува фармата преку паметен телефон веќе не е привилегија само на големите стопанства: тим од Битола го разви „Агримак“, македонски мобилен асистент што им овозможува на земјоделците електронско евидентирање на приходи, трошоци и активности, пресметки за потребниот семенски материјал, ѓубрива и пестициди и изработка на бизнис‑планови со помош на вештачка интелигенција.

Апликацијата ја создадоа Андреа Соколовски, биотехнолог и агроконсултант, и Петар Михајловски, информатичар, во соработка со агрономката Ана Велјановска‑Трајчески од Ресен. Долгогодишната идеја прерасна во дигитално решение со финансиска поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка‑ГИЗ.

Што нуди апликацијата

„Агримак“ е на македонски јазик, едноставна за користење и содржи повеќе услуги. Земјоделците можат електронски да ги евидентираат приходите, трошоците и активностите на фармата наместо да ги пополнуваат податоците рачно. Врз основа на внесените податоци апликацијата генерира извештаи на дневно, неделно, месечно и годишно ниво, по култура или по парцела, што го олеснува следењето на финансискиот резултат од производството.

Досега сеидбата и ѓубрењето најчесто се вршат според слободна проценка и претходно искуство, а преку „Агримак“ земјоделците можат да користат агрокалкулатор кој точно ќе пресмета колку семенски материјал, пестициди и ѓубрива се потребни за одредена површина. Апликацијата исто така праќа информации и известувања за активните програми и рокови за пријавување за финансиска поддршка.

Основните услуги на „Агримак“ се бесплатни — повеќе од 90 отсто од функционалностите се достапни без надомест, а бесплатната верзија овозможува генерирање неделни анализи. Околу 290 земјоделски стопанства во земјата ја имаат инсталирано апликацијата, додека 850 земјоделци бесплатно добиваат информации за одредени програми преку СМС‑пораки. Премиум‑верзијата чини 2.000 денари годишно и нуди дополнителни услуги, меѓу кои и изработка на бизнис‑планови и генерирање месечни и годишни анализи.

„За нас е особено важно што преку ваква поддршка се отворија можности за развој на иновативни решенија што можат да придонесат за модернизација на земјоделството. Сакавме да создадеме решение што ќе има практична вредност, дигитален асистент кој ќе биде со земјоделците во секојдневната работа, а не само технолошки производ“, велат иноваторите.

Следниот чекор на тимот е проширување на пазарот и надвор од Македонија, со регионална експанзија. Тие советуваат земјоделците да не се плашат од технологијата, туку да ја гледаат како дополнителна помош која ќе го поврзе традиционалното знаење со современите алатки.

Фото: Приватна архива)

Поврзани написи