Жена загина во напад во училиште во Лешчидул-Новини; уапсен 15-годишник
15-годишен ученик е уапсен по напад во кој портирка почина, а уште две лица се повредени во училиште на 70 км од Варшава.

Триесет и седумгодишна жена загина, а две лица се повредени во напад со остар предмет што се случи денеска во основно училиште во Лешчидул-Новини, по што е уапсен 15-годишен ученик.
„Полицијата уапси 15-годишно момче откако тоа нападна три возрасни лица во училиштето. Една од повредените, портирка во училиштето, им подлегна на повредите“, соопшти локалната полиција на платформата „Икс“.
Што се знае за нападот
Според полицијата, ученикот смртно ја избодел портирката во своето поранешно училиште и повредил уште две лица во Лешчидул-Новини, мало населено место на 70 километри источно од Варшава. Првичните информации наведуваа дека три лица се повредени, но подоцна беше потврдено дека една од нив починала.
Полицијата ја изврши апсењето на лице место по пријава за напад во училишниот објект. Името на загинатата и на повредените не е објавено, ниту пак има детали за состојбата на повредените кои останаа живи.
Овој настан следи еден ден по друг инцидент во Полска, кога 19-годишен ученик со нож повреди 10 лица во стручно училиште во Остроленка, на североисток од Варшава.
Локалната полиција соопшти дека трае истрага, а граѓаните се замолени да не шпекулираат додека официјалните истражители ги собираат доказите и ги утврдуваат околностите на нападите.
Фото: прес-материјал од настанот


