Почетна
Македонија

Жешко лето: преполни контејнери и расфрлан ѓубре низ Скопје

Жителите со фотографии и забелешки; комуналните служби предупредуваат за недостиг од инвестиции во возила, опрема и кадар.

·Македонија
Жешко лето: преполни контејнери и расфрлан ѓубре низ Скопје

Жешкото време и продолжените интервали за собирање оставија многу контејнерски локации низ Скопје натрупани со ѓубре, додека улиците изгледаат поретко. Комуналните екипи се на работ на можностите, а жители од неколку населби се жалат дека расфрланите отпадоци и големото покуќнина се повторлив проблем.

При обиколка на фреквентни места беа најдени две мини-депонии во Маџир Маало. Во моментот кога пристигнавме, возило на ЈП „Комунална хигиена“ веќе го собираше отпадот. Вработен во претпријатието, кој одби да зборува пред камера, рече дека граѓаните знаат да го фрлаат отпадот од своите прозорци, дури и кога имаат корпи пред своите згради.

Во населбата Капиштец, покрај кеси со комунален отпад, беа забележани душеци, шкафови, остатоци од мебел и тоалетни школки. Слична слика имаше и во Општина Аеродром, каде покуќнина беше фрлена покрај редовниот комунален отпад.

На неколку локации кантите беа речиси празни, а сепак отпадот лежеше расфрлан околу нив. Под мостот „Обединети нации“ во Карпош имаше оставено стара облека и кеси со ѓубре. Жителите бараат почесто собирање.

„Отпадот е проблем кој ми се чини дека не го забележуваме затоа што постојано сме со толкав отпад опкружени. Не сум приметила дека нешто значајно е преземено во врска со отпадот“, изјави една граѓанка. „Се собира отпадот кога, како“, изјави друг граѓанин. „Преполни контејнери, околу нив расфрлани работи“, посочи граѓанка.

Од Јавното претпријатие Комунална хигиена велат дека проблемот е долгогодишниот недостиг на инвестиции во опрема, возила и кадар. "Далеку е подобрена состојбата во делот на она што е надлежност на Комунална хигиена, значи празнење на контејнерите. Не велиме дека е идеално. Има одредени пропусти поради тоа што имаме ужасно лоша состојба, со години никакви инвестиции, ниту во возила, ниту во кадар, ниту во опрема, ниту во контејнери, меѓутоа се држиме да го задржиме тоа ниво" , изјави Митковски директор на ЈП Комунална хигиена

Последиците од невремето се уште видливи

Дополнително, делови од некои населби сè уште носат последици од невремето што се случи пред еден месец — паднати дрвја и гранки. Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, рече дека се расчистува, но дека обемот бара време и посилна механизација.

„Интензивно се работи. Во Аеродром имаше паднато повеќе од 120 дрвја. 120 дрвја не се отстрануваат за еден ден. Сите пристапни улици, сите патеки, сите паркинзи се комплетно ослободени. Останати се поголеми дрвја за кои што треба друга механизација за отстранување, најчесто во парковите, каде што не пречат во секојдневното функционирање на граѓаните. И денеска работиме во соработка со јавните градски претпријатија, како што се Паркови и зеленило и Комунална хигиена, и ќе продолжиме во наредниот период’’, истакна Митевски

Невремето зад себе остави паднати дрвја, гранки, како и паднати фасади од згради и куќи; градските служби велат дека чистењето ќе продолжи во наредните недели, во координација со јавните претпријатија и со барање дополнителни ресурси за побрзо отстранување на покуќнината и отпадот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи