Живко Попов: Високото образование не е трошок, туку инвестиција
Акад. Попов на Денот на МАНУ го повлече вниманието кон 2024 податоците и распределбата на средствата во 2026 година.

Во своето обраќање по повод Денот на Македонската академија на науките и уметностите, претседателот на МАНУ акад. Живко Попов истакна дека високото образование треба да се гледа како инвестиција, а не како трошок. Тој предупреди дека без силна научна компонента нема подобрување на квалитетот на наставата, ниту услови за објавување трудови во респектабилни списанија.
Попов посочи податоци од 2024 година кои, како што рече, укажуваат на изразена институционална нерамнотежа: „дури 2.675 од вкупно 3.532 вработени во истражување и развој работат во секторот за високо то образование,“ што значи дека научната работа е маргинализирана во институциите кои треба да бидат нејзини примарни носители — државните научни институти и деловниот сектор.
Финансиската структура го продлабочува дисбалансот
Академикот рече дека финансиската структура дополнително го влошува проблемот. Според него, 68,5 % од вкупните трошоци се насочени кон високото образование, додека само 7,6 % одат кон владиниот сектор, што ја зацврстува постоечката нерамнотежа.
Во врска со буџетот за наука за 2026 година, Попов нагласи дека 61,9 % се наменети за плати и тековни трошоци на научните институти, додека само 36,2 % остануваат за реални истражувачки проекти. Тој предупреди дека ова создава парадокс: институциите формално постојат и вработуваат високообразовани кадри, но нивната фактичка истражувачка продуктивност е ограничена поради недостиг на оперативни средства.
Во завршните забелешки претседателот на МАНУ ги претстави програмските приоритети за 2026 година и укажа на новите предизвици во време на забрзани технолошки промени, повикувајќи на ревизија на приоритетите за да истражувањето добие потребни ресурси.
Нина Стефанова
Фото: прес-материјал од настанот


