Зошто партиите во Германија ја губат поддршката од гласачите со миграциско потекло
DeZIM: растечката група на избирачи со миграциско потекло станува клучна, но лојалностите кон партиите се менуваат.

Во пресрет на покраинските избори во Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Предна Померанија, како и на изборите за Покраинскиот парламент во Берлин, истражувањето на Германскиот центар за истражување на интеграцијата и миграцијата (DeZIM) покажува дека гласачите со миграциско потекло се оддалечуваат од традиционалните партии побрзо од другите избирачи.
Расте тежината, но се менува лојалноста
Влијанието на оваа група во германската политика постојано расте: во 2023 година 12 проценти од лицата со право на глас во Германија имале миграциско потекло — повеќе од седум милиони луѓе — и тој број продолжува да се зголемува, што ја прави оваа категорија клучна во тесни трки.
И покрај загрижувачките сигнали, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) сè уште го поседува најголемиот изборен потенцијал меѓу гласачите со миграциско потекло: приближно две третини од испитаниците велат дека би можеле да гласаат за СПД. ЦДУ и ЦСУ се веднаш зад нив. Само секој петти испитаник целосно ги отфрла СПД, ЦДУ и ЦСУ.
„Постарите испитаници со миграциско потекло се наклонети кон СПД. Во минатото врската меѓу СПД и мигрантските гласачи беше релативно силна, но се чини дека кај помладите генерации таа почнува да се распаѓа“, вели Фридерике Ремер, коавторка на студијата од Германскиот центар за истражување на интеграцијата и миграцијата.
Алтернативата за Германија (АфД) се соочува со најсилно отфрлање: за речиси две третини од анкетираните гласањето за АфД не доаѓа предвид. Особено посилно ја отфрлаат лицата со корени од Турција, Блискиот Исток и Северна Африка — но истовремено АфД работи на таргетирање на овој сегмент.
„Долго време таа беше првата партија што комуницираше на мајчин јазик и користеше пораки и визуелни материјали што функционираа“, вели Мартин Герлах, извршен директор на Турската заедница во Германија, потсетувајќи на кампањата на АфД во берлинската општина Нојкелн за време на изборите во 2021 година. „Нивниот слоган беше: ‘Ататурк би гласал за АфД’. Другите партии едноставно не вложуваат доволно напор да размислуваат за специфичните целни групи. Тоа е неверојатно, бидејќи ако успеете да придобиете голем дел од гласачите со миграциско потекло, тогаш добивате избори“, додава Герлах.
Герлах посочува и дека партиите не ги отвораат доволно прашањата за безбедноста: „Партиите речиси воопшто не ја отвораат темата за безбедноста, а тоа е огромно прашање. Луѓето од нашата заедница се чувствуваат сериозно загрозени во многу средини и не патуваат ни на балтичкиот брег“, вели тој, алудирајќи на можни ксенофобични напади. Тој додава дека антимуслиманскиот расизам многу ги погодува овие групи и дека политиките против дискриминација често се сфаќаат како „прогресивни“ — но за заедницата со турско потекло тие значат заштита на уставниот поредок.
Политикологот Озгур Озватан предупредува дека до 2030 година повеќе од половина од населението во Германија ќе има миграциско потекло и дека етаблираните партии го потценуваат овој процес: „Тие не им се обраќаат на гласачите со миграциско потекло на начин на кој што треба. Ниту ги привлекуваат во сопствените партии, ниту како волонтери, ниту едноставно како гласачи. За жал, во ситуација сме да ја преспиеме и одложиме оваа општествена промена и побарувачка.“ Тој предлага побрза инфраструктура за стекнување државјанство и право на глас: „Можеме да го искористиме тој потенцијал доколку им овозможиме што побрзо стекнување државјанство со право на глас.“
Со оглед на растечкиот број гласачи со миграциско потекло, партиите кои не развиваат целни стратегии и не ги адресираат прашањата за безбедност, дискриминација и натурализација ризикуваат да изгубат гласачко тло во корист на порадикални или популистички актери — дури и ако делови од таа група во принцип ги отфрлаат тие актери.
Фото: прес-материјал од настанот


