Почетна
Македонија

49. Марш за ангелите во Кочани — родители бараат одговорност

Родители и граѓани запалија свеќи на кружниот тек, а на состанокот предупредија дека притворот на сопственикот на „Пулс“ наскоро истекува.

·Македонија
49. Марш за ангелите во Кочани — родители бараат одговорност

Родителите на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, поддржани од граѓани, денеска по 49. пат маршираа низ Кочани во знак на сеќавање. Со транспаренти во форма на срце на кои беа испишани имињата на загинатите, учесниците застанаa на кружниот тек на булеварот „Стево Теодосиевски“ и запалија свеќи — точно година и половина од трагедијата од 16 март лани.

За разлика од претходно, овој пат родителите имаа само едно обраќање, пред Основниот суд, кое траеше повеќе од десетина минути. Најсилна реакција предизвика информацијата дека на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, му истекува едногодишниот притвор од подигнувањето на обвинителниот акт и дека бил понуден имот како гаранција за негово ослободување.

Барање на детална истрага за работењето на „Пулс“

„Само два дена пред овој марш од обраната на Деко слушнавме дека притворот не можел да продолжи ‘освен ако не се измисли ново кривично дело’ и дека ако имало друго дело досега ќе имало постапка. Во исто време, се нуди и имот како гаранција за негово излегување од притвор. И токму зборот ‘гаранција’ посебно боли. А ние, родителите, прашуваме: Кој им ја гарантираше безбедноста на нашите деца кога влегоа во ‘Пулс’?,“ рече Валентина Христовска, мајка на починатиот Павел Христовски.

Христовска од пред кочанскиот Основен суд рече дека нивните деца имале право да веруваат дека објектот е безбеден и дека институциите ги провериле условите за неговото работење. Преку нејзиното обраќање, родителите побараа да се испитаат сите околности поврзани со работењето на „Пулс“: реконструкцијата и пренамената во кабаре, издавањето на лиценците, контролите што биле вршени, финансиското работење, пријавувањето на концертот, внесувањето пиротехника, капацитетот на објектот и изјавите дадени на суд дека за инспекциските контроли имало дојави однапред.

„За притворот нека одлучи Судот, според законот и доказите. Но, бараме законот да биде гаранција – гаранција дека ниту еден пропуст нема да остане непроверен, ниту една незаконитост премолчена и ниту една одговорност неиспитана,“ порача мајката на починатиот Павел.

На концетот од своето обраќање, Христовска предупреди дека родителите ќе продолжат да бараат одговори и одговорност. „Нашите деца денес не можат да зборуваат. Ние сме нивниот глас. И додека не ја добиеме целата вистина – тој глас нема да замолкне,“ децидно рече таа.

49. Марш за ангелите тргна од Паркот на Револуцијата, продолжи преку мостот кај трговскиот центар, со запирања пред објектите на УЈП и полицијата, и заврши на кружниот тек на булеварот „Стево Теодосиевски“, каде беа запалени свеќи во чест на сите починати.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи