Почетна
Свет

50 уапсени во Барселона, мрежа заработила над 3,2 милиони евра

Полицијата вели дека организираната група обезбедувала фиктивни договори и наплатувала и до 30.000 евра за доведување Пакистанци.

·Свет
50 уапсени во Барселона, мрежа заработила над 3,2 милиони евра

Каталонската полиција уапси 50 лица во провинцијата Барселона по сомнение дека биле дел од криминална мрежа која остварила над 3,2 милиони евра приходи, организирајќи илегален влез на пакистански државјани во Шпанија и обезбедувајќи незаконско регулирање на нивниот престој, соопшти полицијата.

Меѓу уапсените се 43 претприемачи кои, според полицијата, соработувале со мрежата обезбедувајќи фиктивни договори за работа, додека седум лица се осомничени дека биле директни членови на организацијата.

Начин на дејствување

Истражителите утврдија дека организацијата наоѓала пакистански државјани заинтересирани за добивање работни дозволи и дозволи за престој и им наплатувала и до 30.000 евра за организирање на нивниот доаѓање и за обезбедување на потребната документација. На лицата кои веќе престојувале во Шпанија и сакале да го регулираат својот статус, групата им нудела фиктивни договори за работа за што наплаќала до 8.000 евра.

Истрагата покажа дека од март 2022 до јули 2023 година организацијата поднела вкупно 224 барања за вработување странски државјани од нивните матични земји, од кои 108 биле позитивно решени. Само врз основа на овие одобрени барања криминалната група остварила приходи поголеми од 3,2 милиони евра, без да се пресметаат парите кои ги наплатила за одбиените барања и за постапките за регулирање на престојот на лицата кои веќе биле во Шпанија.

Полицијата посочи дека од 2019 година организацијата имала стабилна и хиерархиска структура и дејствувала од Каталонија со соработници во Пакистан. Во рамките на истрагата беа идентификувани 12 членови на криминалната мрежа и 62 претприемачи поврзани со нејзините активности во секторите за трговија со храна, угостителство, градежништво, занаетчиски работи и металопреработувачка индустрија.

Истражителите дополнително констатираа дека по добивањето работни дозволи некои мигранти работеле во тешки и експлоататорски услови, додека во други случаи работните односи постоеле само формално или биле прекинувани кратко по издавањето на документите.

Апсењата беа извршени во две фази, а за тројца од седумте уапсени членови на организацијата судот веќе одреди притвор.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи