80 години од првиот натпревар на КК Работнички
На 2 август 1946, на Илинден, се одигра првото првенство во кошарка во Скопје — импровизиран почеток што го отпочна долгото наследство на КК Работнички.

На големиот православен празник Свети Илија и државниот празник Илинден, на 2 август 1946 — пред точно 80 години — во Скопје започна, а наредниот ден заврши, првото официјално првенство во кошарка во Македонија.
Првенството се одржа во рамките на Вториот фискултурен слет и учествуваа три екипи: МАКЕДОНИЈА, РАБОТНИИЧКИ (два тима од Скопје) и ВАНЧО ПРКЕ (од Штип). По поразот во првиот меч од Работнички со 30:8, кошаркарите на Ванчо Прке го напуштија првенството.
На средината на Градскиот стадион во Скопје беше одбележан имровизиран кошаркарски терен: линиите беа исцртани со вар, кошовите беа направени од обично железо и немаа мрежички, а натпреварите се играа со одбојкарска топка, која беше многу полесна од кошаркарската и тешко се уфрлаше во кошот.
На тој прв официјален натпревар по ослободувањето не се судеа лични грешки ниту технички, времето се мереше рачно со штоперица, немаше тајм аут и играше се точно 40 минути — 2 пати по 20 минути. Судеше само еден судија, а првенството привлече големо внимание.
Од импровизација до меѓународни настапи
За Работнички тогаш настапија: Славко Матовски, Драган Луковски, Трајан Ивановски, Борис Анастасов, Атанас Радевски, Војче Димитровски и Илија Ќовкаров.
За квалитетот и долгата историја на КК Работнички говорат низа достигнувања: на вечната табела на прволигаши во СФРЈ е 11-ти по број на одиграни сезони (18) и одиграни натпревари (420) во најсилната лига во Европа; три пати заврши на петтото место во елитата на СФРЈ; пред околу 50 години настапи во полуфиналето на европскиот Куп Радивој Кораќ и во првото финале на југословенскиот куп; стигна до „фајнал‑фор“ во СФРЈ во 1988 година; во сезоната 1991/92 заврши трет во регуларниот дел на ЈУБА Лигата, по што беше елиминиран од Црвена Звезда во полуфиналето на плеј‑офот, а настапи и во полуфиналето на Купот во Ниш каде загуби од идниот победник Партизан. Во самостојна Македонија, Работнички освои рекордни 15 шампионски титули, 10 пати триумфираше во националниот Куп и двапати го освои Супер Купот.
Во европските натпреварувања клубот исто така постигна значајни резултати: во сезоната 1993/94 настапи во една од двете четврфинални групи на ФИБА Европскиот Куп (група А со Смелт Олимпија и пред Таугрес); во 2003/2004, во рамките на ФИБА Европа Купот кој вклучуваше 48 екипи и групна фаза со 32 клуба поделени во 4 конференции, Работнички стигна до финалето на јужната конференција и загуби со два поени од Туборг; во сезоната 2008/2009 клубот играше во финалето на Балканската БИБЛ лига, каде загуби од бугарскиот Рилски Спортист.
По повод јубилејот, посветена новинарска екипа предводена од уредник‑продуцентот Тадеј Здравкоски, водителот Живко Здравкоски и главниот монтажер Марко Манушев три месеци работеше на видео серијалот „Легендите говорат“, каде досега се објавени неколку епизоди на јутјуб каналот KK Rabotnicki 1946.
Фото: прес-материјал од настанот