Африм Гаши го помина Илинден во Каиро, главен говорник на конференција против дискриминација
Претседателот на Собранието беше главен говорник на конференцијата во Каиро организирана од Генералниот секретаријат на Лигата на арапските држави и ICESCO.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го помина Илинден во Каиро, Египет, каде што учествуваше и настапи како главен говорник на Втората меѓународна конференција за борба против дискриминацијата. Конференцијата ја организираше Генералниот секретаријат на Лигата на арапските држави во соработка со ICESCO.
Според соопштението од прес-службата на Собранието, на форумот присуствуваа претставници на парламенти и влади, претставници на меѓународни организации, академици и религиски лидери. На дневниот ред беа теми како улогата на муслиманските заедници на Запад, промовирањето на толеранцијата и меѓурелигискиот дијалог, заштитата на човековите права, борбата против говорот на омраза и изградбата на култура на мир.
Во своето обраќање, Гаши го посочи примерот на Република Северна Македонија како земја во која меѓурелигискиот и мултиетничкиот соживот се вистинска реалност, додека различноста ја опиша како богатство и значаен темел за развој на демократско и инклузивно општество.
Улогата на парламентите
Тој порача дека борбата против секоја форма на дискриминација не е само заштита на една заедница, туку заштита на човечкото достоинство, еднаквоста, слободата на совеста и почитувањето на различностите, и ја нагласи улогата на парламентите и институциите во зајакнувањето на дијалогот и заштитата на основните права.
Во завршните дискусии, учесниците споделија искуства и предлози за унапредување на правните и образовните мерки кои ќе помогнат во превенцијата на дискриминацијата и говорот на омраза и во продлабочување на културата на мир во разноликите општества.
Фото: прес-материјал од настанот