Активни се два пожара – гори кај Брњарци и Волково
До 13 часот регистрирани шест пожари на отворен простор; два се активни кај Брњарци и Волково, ДЗС апелира за пријавување сомнителни активности.

Во текот на денешниот ден се евидентирани нешто повеќе од пет пожари на отворен простор, но ниту еден од нив не претставува посериозна закана и се очекува наскоро да биде ставен под контрола, истакна директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов преку видео изјава од терен.
Состојба и интервенции
Како што информираше, во текот на вчерашниот ден биле изгаснати повеќе од 25 пожари на отворен простор, а најкомплексен бил пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, во близина на Самоков.
„Пожарот навлезе на тешко пристапен терен каде што интервенираа голем број пожарникари од Македонски Брод и три пинцгауери на Дирекцијата за заштита и спасување. Конечен удар на пожарот му зададе дождот што заврна на ова подрачје во текот на вчерашното попладне“ — појасни Ангелов.
Тој посочи дека вчера бил регистриран и поголем пожар во Општина Новаци, при што изгорела поголема површина рамничарски предел. Благодарение на интервенцијата на пожарникарите, локалната самоуправа и земјоделците кои помогнале со механизација, пожарот бил запрен и изгаснат.
Според информацијата на Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 13 часот денеска на територијата на државата биле регистрирани вкупно шест пожари на отворен простор, од кои два се активни, а четири се изгаснати. Активни се пожарите кај селото Брњарци во Општина Арачиново и во населбата Волково во Општина Ѓорче Петров, каде гори ниска вегетација. Изгаснати се пожарите во селото Бањица во Општина Чашка, селото Биџево во Општина Струга, селото Сенакос во Општина Врапчиште и на депонијата во Делчево.
Ангелов упати благодарност до македонските пожарникари за брзата реакција и до граѓаните за внимателноста, но нагласи дека постојат докази и за неколку намерно предизвикани пожари. „Апелирам до граѓаните и понатаму да бидат совесни и внимателни за ненамерно да не предизвикаат пожар. Секое сомнително однесување да се пријави на бројот 112 или во најблиската полициска станица“ — порача Ангелов.
Во однос на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, директорот на ДЗС информира дека последните анализи покажуваат подобрување на квалитетот на водата во споредба со претходните мерења, но дека е потребно дополнително време таа да биде прогласена за безбедна за пиење.
Фото: прес-материјал од настанот