Алармантна состојба во затворите: во „Идризово“ еден лекар за околу 691 лице
Извештајот укажува на кадровски дефицит, доцнење на дијагностиката и нееднаква достапност до здравствени услуги во затворите.

Истражувањето на Канцеларијата на Народниот правобранител во 11 казнено-поправни установи открива сериозни недостатоци во обезбедувањето здравствена заштита: дефицит и нерамномерна распределба на здравствен кадар, одложен пристап до специјалистички прегледи, прекини во терапијата, слаба превенција и ниско ниво на координација. Во ниту една од посетените установи не е организирано 24-часовно дежурство на здравствен персонал.
Заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска ги презентираше налозите на тематската дебата што ја организираше Канцеларијата на народниот правобранител со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Таа оцени дека, иако системот формално е поврзан со јавниот здравствен систем, пристапот до здравствена заштита не е еднаков и доследен во сите установи.
- Само присуството на лекар или амбуланта не гарантира достапност. Во некои од установите персоналот доаѓа повремено, а постојат непополнети работни места. Во „Идризово“, според извештајот, еден лекар опслужува приближно 691 лице, а една сестра или техничар речиси 461 лице, рече Трифуновска, додавајќи дека, според стандардите, еден лекар треба да опслужува приближно 300 лица.
Прекршувања во континуитетот и оперативни слабости
Во извештајот се наведуваат и други проблеми: недостиг од возила и персонал за спровод до здравствени установи, доцнење на дијагностиката и резултатите, како и нееднаква практика во дистрибуцијата на терапијата. Во повеќе установи лековите ги делат затворски службени лица, а во некои случаи набавката зависи од семејството — што создава ризик од прекин, грешки во дозирањето и повреда на медицинската доверливост.
Народниот правобранител Фатон Сељами го нагласи правото на здравствена заштита како клучно право на лицата лишени од слобода и рече: "Сите чинители надлежни за заштита, обезбедување и спроведување на ова човеково право, покрај констатираните состојби, треба да понудат соодветни и остварливи решенија за нивно подобрување, кои понатаму треба да се реализираат во практика." Тој дополнително посочи дека проблемите во системот ја надминуваат здравствената заштита и опфаќаат сместување, хигиена, исхрана и ресоцијализација.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, нагласи дека пристапот до здравствена заштита е основно човеково право и бара јасна институционална заложба и ефикасна соработка меѓу надлежните органи и професионалците. Тој наведе пет приоритетни области: обезбедување доволен здравствен кадар и подготвеност за итни состојби; подобрување на пристапот до специјализирана здравствена заштита; сигурна и континуирана достапност на препишаните лекови; зајакнување на превентивната и менталната грижа; и подобра институционална координација и управување со здравствените евиденции.
Во препораките од извештајот се бара воспоставување национален минимален кадровски модел за затворите, јасни протоколи за ноќни и викенд-служби, подобрена достапност до специјалистички услуги, одржлив систем за набавка на лекови, зајакнување на грижата за менталното здравје и воведување поврзан електронски здравствен систем со цел да се обезбеди мерлива, навремена и континуирана медицинска грижа во секоја казнено-поправна установа.
Фото: прес-материјал од настанот


