СДСМ: Падот на Александар Вучиќ ќе донесе разврска на сите криминални соработки со Мицкоски
СДСМ вели дека поразот на Вучиќ ќе доведе до истраги за тендери, енергетски бизниси, медиумски врски и мрежи поврзани со Мицкоски.

Според СДСМ, евентуалниот пораз на Александар Вучиќ на изборите ќе отвори истраги во Србија кои ќе доведат до разоткривање на, како што велат, сите криминални соработки меѓу српските власти и шефот на ВМРО‑ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ова на денешната прес‑конференција го изјави портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска.
Одговорност и „размонтирање на балканскиот криминален октопод“, велат од партијата
Опозицијата изнесе низа обвинувања за наводно криминални тендери, бизниси во енергетиката, бизнис‑мрежи и влијанија во делови од медиумскиот и политичкиот простор, кои според СДСМ ќе бидат откриени по смената на власта во Србија.
Во нивната изјава се наведува: „Доаѓа време за размонтирање на балканскиот криминален октопод и одговорност. За криминалните тендери. За Адамовиќ, Руднап, Божиновска, бизнис мрежите на Мицкоски што водат до Србија. За бизнисите со струја, енергетика, броила. Јасно е зошто 5 тони дрога поминуваат преку граница и завршуваат кај СНС во Србија, а никој не одговара. На сите им е јасно зошто Алта банка влезе во Македонија, а беше запрена во Европа. Истата матрица, истиот шаблон. Copy-paste во Македонија. Истиот црн капитал се вложува во истата банка“.
Од СДСМ обвинија и дека во дел од медиумите се води црна кампања против СДСМ и министерот за здравство Венко Филипче, и дека постојат наводни врски со медиумски структури, српски групации и онлајн мрежи за политичка пропаганда.
Партијата посочи и дека, по примерот од Србија, во земјава се создаваат партии‑сателити кои треба да го раскршат опозицискиот глас; како примери беа наведени ЗНАМ, платформата „Разговори за иднината“ и Левица.
„Позади сето ова стои една криминална организација. Нејзиниот дел во Македонија е ВМРО – организирана криминална група, а шефот на македонската банда е Мицкоски. Следат разврски, истраги и расчистување со криминалната организација. Сите тие разврски ќе завршат и во Македонија со соработниците на Мицкоски“, велат од СДСМ.
Фото: СДСМ (архива)


