Мицкоски: Ниту едно вето не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ
Премиерот рече дека членството во ЕУ е единствениот начин државата да ја брани својата позиција и ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации.

Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Свечената академија по повод 23 октомври — Денот на македонската револуционерна борба, ја поврза европската перспектива на земјата со зачувувањето на националната меморија и отпорот кон надворешен притисок.
Во брифирањето за присутните, тој остро ги одби обидите историјата да се „преправи“ под влијание на вета и надворешни интервенции, велејќи: "На оние кои се шнајдери на историјата, што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ."
Мицкоски го поврза патот кон Европската унија со домашни реформи и зацврстување институции, и ги призна исцрпеноста и разочарувањето кај граѓаните поради долгото чекање за членство.
Мудроста наместо груба сила
Спомнувајќи го процесот на пристапување, тој го опиша како „најтежок“ и „најдолг“ пат, поткрепувајќи ја потребата од трпеливост и паметна политика. "Го врвиме не само најтешкиот туку и најдолгиот пат кон ЕУ, обременет со многу откажувања, поместувања и неправедни удари. Големите го прават тоа што сакаат, а малите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес. Но иако многумина веќе се скептични и уморни од услови, критериуми, билатерални спорови, ќе мора да бидеме мудри. За малите народи, иднината е во мудроста и единството. Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И големите се победуваат со мудрост. Со мудрост може да има иднина, кога веќе природната предодреденост, поставеноста и геополитиката не нудат сила", рече тој.
Во говорот Мицкоски го посочи и примерот со источниот сосед по неговото зачленување во ЕУ, како момент кога некои билатерални прашања станале појавни или поинтензивни. Тој предупреди дека напуштањето на преговорите би значело откажување од можноста да се разговара рамноправно во Унијата.
„Честопати ни велат: ‘Напушти ги преговорите!‘ Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса. А зошто е важно да влеземе во европскиот клуб и на таа маса да разговараме рамноправно? Затоа што низ примерите на соседите кои веќе влегоа во Унијата, а се таму години пред нас и ни создаваат пречки, гледаме колку е важно да бидеме таму. Нашиот источен сосед сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не се интересираше за Бугарите, за кои таа тврди дека е многу важно да бидат дел од нашиот Устав, никој не знаеше за барем еден случај на обесправен самодеклариран Бугар во државава, иако денес лелекаат за неколку, ниту пак некој од нив велеше дека Гоце, Јане, Карев, Ѓорче се луѓето коишто денеска според нив се Бугари. И сè така до влезот во Европската Унија, кога влегоа во просторијата каде што не сме ние и од кадекадe сега ги користат сите механизми да нè закочат", рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека нема да попушти пред провокации и дека ќе ги одржува политиките кои, како што рече, се „промакедонски“, со фокус на подобра иднина за децата. Тој ги повика граѓаните да не попуштаат на наметнати или хиперболизирани етнички теми и предупреди на можни обиди земјата да се вовлече во туѓи проблеми.
Фото: Влада


