Мицкоски предупреди на обид за дестабилизација за 23 Октомври
На академијата за 23 октомври и основањето на ВМОРО (1893) премиерот упати предупредување за прелев на немири и порака до Софија.

На свечена академија по повод 23 октомври — Денот на македонската револуционерна борба и основањето на ВМОРО во 1893-та, премиерот Мицкоски предупреди на можен обид за дестабилизација на државата и на структури за ситни политички поентирања кои се подложни на влијанија од немирите во Европа и соседството.
Мицкоски: „Свои на своето“
Мицкоски порача дека „во услови кога светот гори“ се помалку се слуша разумот, а расте насилството во различни облици, при што го постави своето обраќање како предупредување за можен прелев на немири и за искористување на таа нестабилност во домашни цели.
Во врска со евроинтегративните процеси, премиерот истакна дека местото на земјата е да седне на иста преговарачка маса со сите земји членки каде ќе може јасно и недвосмислено да ги изрази своите ставови, и дека патеката која ја трча оваа власт не е на кратки стази туку долг маратон.
Тој се осврна и на економијата — растот, изградбата на коридорите, далекуводот и други активности и предизвици пред кои е исправена земјата — и нагласи дека политиката не е игра на мускули туку шах каде се бара трпение, истрајност и мудрост.
Премиерот упати и порака до официјална Софија дека „духовите од минатото кои Бугарија особено ги разбуди по влегувањето во ЕУ нема да бидат алиби за Македонија да се откаже од своите револуционери и историја.”
На свечената академија, одржана под мотото „Свои на своето“, присуствуваа министри и други функционери, поглаварот на Македонската православна црква, претставници на Исламската верска заедница, како и симпатизери и членови на партијата.
Фото: прес-материјал од настанот


