Почетна
Македонија

Мицкоски: Не би ме зачудило ако нè вмешаат во туѓи проблеми

На академијата по повод 23 Октомври премиерот повика на единство и ги наведе владините проекти и инвестиции.

·Македонија
Мицкоски: Не би ме зачудило ако нè вмешаат во туѓи проблеми

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, при обраќањето на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, предупреди дека Македонија може да биде вовлечена во проблемите на други земји и ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и наметнувања, особено на вештачки прашања и хиперболизирани етнички теми.

„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи. А на Балканот службите никогаш не престануваат да работат. И нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие“, рече тој.

Проекти на Владата и економските пораки

Мицкоски наведе конкретни проекти и пари што, според него, власта ги вложува: шест автопатски делници, два гасоводи и еден далекувод, повеќе од 90 милиони евра вложени во образовната инфраструктура и над половина милијарда евра наменети за повеќе од 1 200 општински проекти.

Тој рече дека за време на вчерашната посета на Црна Гора соговорниците го пофалиле економскиот напредок на земјата и дека тогаш „за првпат се почувствувал, еве веќе втора година и некој месец како што сум претседател на Владата, се почувствував горд“. „Кога вчера во Црна Гора зборував на моите соговорници за економските постигнувања, некои од нив и самите ни приоѓаа и велеа одлични сте, тогаш за првпат се почувствував, еве веќе втора година и некој месец како што сум претседател на Владата, се почувствував горд и ви благодарам на сите вас и на сите мои соработници во Владата кои заедно придонесовме ова да го постигнеме“, рече тој.

Премиерот истакна дека граѓаните се уморни од ветувања и дека довербата мора да се оправдува секој ден. „Знам дека има луѓе кои работат чесно, а на крајот од месецот повторно пресметуваат што можат да платат и што мора да одложат. Знам дека има родители кои се радуваат на успехот на своите деца, а во себе стравуваат дека тој успех ќе ги одведе далеку од дома. Пред тие луѓе секој носител на јавна функција мора да покаже скромност и почит. Нивната мака заслужува одговор, нивното време заслужува почитување, а нивната доверба мора да се оправдува секој ден“, додаде Мицкоски.

Тој предупреди дека и дел од опозицијата можела да учествува во сценарија на дестабилизација. „А што се однесува до домашни актери за таква игра, тоа е многу лесно. Има неколку од опозицијата, што за пари и лажни ветувања за фотелја, чуда умеат да прават“, рече премиерот и додаде дека „Нема да дозволам никакви нечесни игри ниту авантури. И ако некој мисли дека може да си игра со државата, нека не го потценува народот“. Според него, на критиките Владата ќе одговара со работа и посветеност.

Фото: Влада

Поврзани написи