Започна имунизацијата против сезонски грип – апел за вакцинација и до здравствените работници
Над 55.000 пријави во една недела, но мал број навистина вакцинирани и загриженост поради ниска заинтересираност меѓу медицинскиот персонал.

Започна имунизацијата против сезонски грип, а најмногу пријави за вакцина има во Скопје, во Прилеп, во Струмица и во Тетово. Надлежните велат дека илјадници граѓани се пријавиле во првата недела, додека бројот на навистина вакцинирани засега е мал.
Според податоците од здравствените служби, во рок од само една недела за имунизација се пријавиле 55.000 граѓани; до денес напладне вакцинирани се 368 лица. Вчера беа испратени 5.500 покани по СМС и забележани се околу 350 откажувања, што, според министерот за здравство Сашо Клековски, најверојатно се должи на неподходен термин.
Слаб интерес кај здравствените работници
Надлежните изразија загриженост поради слабата заинтересираност меѓу здравствените работници. „Најголем дел од пријавените се над 65 години и хронично болни. Имаме релативно малку пријавени здравствени работници и апелирам, без разлика што тимовите на Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје ќе ги посетуваат болниците, здравствените работници да се одзват на вакцинацијата што повеќе“, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.
Кој треба да се вакцинира што побрзо
Доц. д-р Димитар Каркински, директор на Институт за белодробни заболувања и туберкулоза, повика лица со хронични и респираторни болести да примат вакцина пред сезонскиот пик, предупредувајќи за голем притисок врз болниците во декември и јануари. „Многу е битно пациентите, освен хронично заболување, пациентите што имаат респираторни заболувања да се вакцинираат, бидејќи имаме страшни гужви во декември и во јануари. Пациентите мора да си го заштитат своето здравје и, за жал, тогаш се качува бројката на смртни случаи. А сето ова можеме да го избегнеме со вакцинирањето. Здравствените работници се први на удар и апелирам до нив да се вакцинираат“, вели доц. д-р Димитар Каркински.
Според Институтот за јавно здравје, засега се потврдени само два случаи на грип тип А. „Сè уште сме на почетокот на сезоната и затоа сакам да кажам дека ова е најдоброто време за да бидат вакцинирани, почетокот е соодветен од причина што за недела до две се очекува сите оние што ќе ја примат вакцината и ќе стекнат имунитет“, изјави д-р Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.
Министерот Клековски најави дека во следните десет дена се очекува пристигнување на БСЖ вакцините од Јапонија. До пристигнувањето на новата пратка, новороденчињата нема да се вакцинираат во родилиштата; вакцинацијата ќе продолжи веднаш штом пристигне пратката во координација со УНИЦЕФ.
Истовремено, се чекаат и анализите на вакцините на бугарскиот производител „Бул Био“ по четирите пријави во Хрватска за сомневање дека вакцината предизвикала воспаление на коските кај мали деца. Надлежните велат дека тие пријави се предмет на проверка додека кампањата за вакцинација продолжува.
Фото: прес-материјал од настанот


