Јапонски BCG вакцини се очекуваат за околу десет дена, вели Клековски
Клековски повика на трпение и кажа дека кратко одложување на вакцинацијата кај новороденчињата не е здравствен ризик.

Министерството за здравство информира дека во земјава се очекува пратка со јапонски BCG вакцини против туберкулоза и дека тие би требало да пристигнат за околу десет дена. Министерот повика на трпение и повтори дека кратко одложување на вакцинацијата кај новороденчињата не претставува здравствен ризик.
Имунизацијата со бугарската серија BCG и натаму е стопирана додека траат лабораториските анализи на таа пратка. За сега не е закажан нов датум за општа ревакцинација, а здравствените служби ја следат ситуацијата додека не се примат и не се проверат јапонските дози.
Дискусии по случајот во Хрватска
Случајот во Хрватска ги отвори прашањата за иднината на задолжителната вакцинација против туберкулоза во регионот. Тамошните здравствени власти и експерти се поделени: дел сметаат дека има основи за премин кон селективна вакцинација, односно да се имунизираат само новороденчињата од ризични групи, додека други предупредуваат дека не смее да се донесува брза одлука.
Како причина за претпазливост се посочува и зголемувањето на бројот на заболени од туберкулоза во Хрватска по долгорочниот тренд на намалување. Иако порастот е релативно мал, загрижува фактот што доаѓа по подолг период на опаѓање на случаите. Туберкулозата почесто се регистрира во средини со посиромашно население, а меѓу факторите се наведува и миграцијата на работници од земји каде болеста е почеста.
Како можно решение се разгледува да се задржат достапните вакцини, но да се примарно да се даваат само на новороденчиња кои припаѓаат на ризични групи, наместо на сите бебиња. Позициите меѓу медицинските здруженија во Хрватска остануваат поделени: се очекува Хрватското здружение на пулмолози да не го поддржи прекинот, додека Здружението на педијатри има поделени ставови.
Во меѓувреме, Министерството за здравство во земјава продолжува со набавката и тестирањето на алтернативни пратки, нагласувајќи дека нема непосреден ризик за новороденчињата доколку имунизацијата биде одложена за краток период.
Фото: прес-материјал од настанот


