Александар Ефремов — меморијална вечера во чест на фотографот во Штип
На денот кога би славел роденден, Штип го одбележува животот и делото на фотографот загинат во пожарот во Кочани.

Ден што требаше да биде исполнет со торта, честитки и насмевки за фотографот Александар Ефремов, наместо тоа се претвори во тивко оддавање почит. Александар од Штип го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, а пријателите и семејството денеска го спомнуваат со солзи и молк.
Во објавата посветена на неговиот спомен беше напишано: "Неговите фотографии застанаа, но споменот живее".
Во истиот текст, посветувачите ја опишуваат болката и улогата што Александар ја имаше во животите на другите:
"Колку е само болно што еден фотограф, човек кој целиот свој живот го посвети на бележење на туѓите среќни моменти, зад себе остави само фотографии… Тој фаќаше насмевки, прегратки и мали моменти кои стануваат највредни спомени, без да насетува дека еден ден некој ќе ги фотографира спомените на него".
Текстот завршува со зборовите: "Денеска таму некаде над облаците, замислуваме дека се пали една свеќичка за тебе. Не на тортата што ја држиш во рацете, туку на небото. Нека блесне таму каде што сега припаѓаш, а покрај неа нека стои симболот за бесконечност – бидејќи постојат љубови кои смртта не може да ги прекине. Среќен роденден, наш добар ангеле!"
Меморијална изложба "Окото на ангелот"
Точно на денот на неговиот роденден, родниот град Штип му оддава посебна почест. Во Уметничката галерија „Безистен“ вечерва (28 септември) со почеток во 18:30 часот ќе се отвори меморијалната изложба на неговите фотографии под наслов „Окото на ангелот“. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 30 септември.
Просторот е наменет семејството, пријателите, колегите и сограѓаните да се потсетат на уникатниот талент и добрината на Александар. Тој беше дел од групата млади уметници и музичари, меѓу кои и членови на бендот ДНК, кои ги загубија животите во пожарот во Кочани — трагедија што остави длабока тага во регионот.
Вечна им слава и спомен на сите нив!
Фото: Фејсбук/ Со срце за Кочани (АИ)


