Почетна
Свет

Александар Вучиќ гласаше во Нов Белград и им порача на хрватските медиуми да не се мешаат

Вучиќ рече дека ќе ја признае волјата на граѓаните ако загуби и предупреди дека не сака странско мешање во изборната кампања.

·Свет
Александар Вучиќ гласаше во Нов Белград и им порача на хрватските медиуми да не се мешаат

Александар Вучиќ денеска гласаше во Нов Белград и по излезот од гласањето упати остри пораки до хрватските медиуми, повикувајќи ги да не се мешаат во внатрешните работи на Србија.

Носителот на листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“, кој гласаше заедно со сопругата Тамара Вучиќ, рече дека ќе ја признае волјата на граѓаните доколку неговата листа загуби, а дека во случај на победа никој нема да им ја одземе таа победа.

„Се надевам дека изборите ќе поминат мирно, исто како што тоа е случај на ова гласачко место. Верувам дека вечерва ќе ја имаме демократската волја на граѓаните. На избори можете да победите или да изгубите. Ние секогаш ќе се однесуваме одговорно. Ако загубиме, да ја признаеме волјата на гласачите, ако победиме, никој нема да ни ја одземе“, изјави Вучиќ по гласањето.

Порака до Хрватска

На прашање за односите со Хрватска и дали ќе ја смени реториката, тој изрази надеж за подобрување на односите, но подвлече дека за тоа е потребно помалку мешање од хрватска страна.

„За тоа, треба помалку да се мешате во нашите изборни процеси и во нашите внатрешнополитички околности. За тоа, треба помалку секојдневно да ја навредувате Србија. Tреба да покажете поголемо почитување кон нашата земја, а потоа ние секогаш ќе покажуваме почитување кон вашата земја. Чекајте, Хрвати, ова се српски, а не хрватски избори. Бидете трпеливи, знам дека ви е грижа“, рече тој.

На прашање дали постојат конкретни примери или докази за мешање, Вучиќ одговори дека не е потребно да наведе докази бидејќи „доволно е да отворите кој било од вашите весници, кој било од вашите портали или да погледнете која било од вашите телевизии. Од навреди, лаги, најбесмислени, полоши од оние што ги изговараат Н1 и Нова С, до директно мешање во кампањата на секој можен начин. Значи, ако не го гледате тоа, тогаш имате некаков друг проблем, а тој не е поврзан со доказите, туку со тоа дали можете добро да гледате и дали можете да читате“, додаде тој.

Во Србија Денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори за избор на 250 пратеници; гласачките места се отворени до 20:00 часот.

Фотографија: EPA/ANDREJ CUKIC.

Фото: EPA/ANDREJ CUKIC

Поврзани написи