Алијанса и СДСМ со реакции по изјавата на Димитриевски за правосудниот испит
Димитриевски најави лидерска средба; Алијанса го обвинува за политичка тактика, а СДСМ бара објаснување за средбата со Вулин и Алта банка.

Максим Димитриевски изјави дека Движењето ЗНАМ нема да отстапи од ставот правосудниот испит да се полага само на македонски јазик, нагласувајќи дека станува збор за прашање што ги надминува дневнополитичките интереси и директно го засега функционирањето на правосудниот систем и уставниот поредок.
Реакции од партиите
Димитриевски потсети дека премиерот го знае ставот на неговата партија и најави дека ќе побара лидерска средба со владините партнери за „отворено да ги дефинираат црвените линии".
Алијанса за Албанците преку соопштение оцени дека најавите се „залуден обид да си го порави рејтингот".
-Димитриевски може да ја напушти Владата, бидејќи знае дека ќе има предвремени парламентарни избори. Прашањето за правосудниот испит му е потребно за да го искористи во предизборната кампања и да ја глуми улогата на „голем патриот“ – пишува во партиското соопштение.
Од СДСМ велат дека темата за правосудниот испит се турка како наводен судир во коалицијата со цел да се создаде впечаток на тензија, да се отвори пат за предвремени избори и да не се признае загрозеноста на финансиската стабилност поради Алта банка.
„Но пред обидот да му даде алиби на Мицкоски за избори, Димитриевски мора да одговори зошто имал состанок со Вулин – директор на БИА, министер за одбрана и полиција, еден од осомничените за плантажата со марихуана во Србија, околу Aлта банка“, пишува во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз.
Фото: прес-материјал од настанот


