Здравство ќе формира Национална опсерваторија и систем за рано предупредување за дроги
Министерот Сашо Клековски најави измени во законот, нова стратегија и официјален аранжман со Агенцијата на ЕУ за дроги (EUDA).

Министерството за здравство најави конкретни чекори за усогласување на политиката за дроги со прописите на Европската унија во рамки на Реформската агенда 2024–2027, рече министерот Сашо Клековски.
Национална опсерваторија и систем за рано предупредување
Клековски соопшти дека ќе биде формирана Национална опсерваторија за дроги и ќе се воспостави систем за рано предупредување за психоактивни супстанции. За тоа ќе бидат потребни измени во постојното законодавство и директно вмрежување со Агенцијата на ЕУ за дроги (EUDA); процесот е започнат и „ќе се заокружи во текот на следната година“.
„Формирана е работна група која прави ревизија и усогласување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Се подготвува склучување на официјален работен аранжман со Агенцијата на ЕУ за дроги (EUDA). Во соработка со TAIEX експертска мисија, се подготвува нова Национална стратегија за дроги пресликана од Стратегијата на ЕУ. Цел е Националната опсерваторија за дроги, воспоставување на системот за рано предупредување и известување кон EUDA“,
се наведува во изјавата на министерот.
Во рамки на законските измени, ќе се ажурира листата на психоактивни супстанции и ќе се воведе дефиниција за „нова“ супстанца. „Во законодавството ќе се воведе дефиниција за 'нова'. Ова не се само административни обврски. Функционален систем за рано предупредување значи навремено да откриеме нови опасни супстанции и побрзо да реагираме за заштита на здравјето на граѓаните“, додаде Клековски.
Темата за ускладување со ЕУ-прописите беше дел од координативниот состанок за Реформската агенда што денеска го одржа премиерот Христијан Мицкоски, на кој здравствените власти ги прецизираа наредните чекори.
Фото: Влада


