Бугарската министерка: Нетипично е да има посредници во разговорите меѓу Скопје и Софија
Министерката за надворешни работи на Бугарија кажа дека Софија се води од консензусот од 2022 година и очекува Скопје да го напушти антибугарскиот наратив.

Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова изјави дека е „нетипично“ да има посредници во разговорите меѓу земја членка на Европската унија и земја кандидат кога договорите се прифатени и одобрени на европско ниво.
Позицијата на Софија — 2022 година и очекување за „политички наратив“
Одговарајќи на пратеничко прашање во бугарскиот парламент, Петрова-Чамова истакна дека во дијалогот со Република Северна Македонија владата и Министерството за надворешни работи (на Бугарија н.з) се водат од консензусот од 2022 година и последователните одлуки на бугарскиот парламент. Таа нагласи дека за Софија е важно од Скопје да се види подготвеност за политички наратив кој не е антибугарски.
„Во дијалогот со Република Северна Македонија, владата и Министерството за надворешни работи (на Бугарија н.з) се водат од консензусот од 2022 година и последователните одлуки на бугарскиот парламент, кои јасно покажуваат каква е бугарската позиција“, рече министерката.
Во врска со барањето на Скопје за вклучување претставници од институциите во Брисел во разговорите, Петрова-Чамова рече: „Нетипично е да има медијатор помеѓу земја членкна на Европската Унија и земја кандидат за членство за договори кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво“ и додаде дека дијалогот ќе остане тежок додека не се промени наративот.
Пратеникот од редовите на ГЕРБ-СДФ и поранешен министер за надворешни работи Георги Георгиев, кој ја отвори темата, ѝ даде колегијален совет на Петрова-Чамова: „Пријателски совет меѓу колеги. Вие барате политичка логика во нивните постапки, а ја нема. Неколку пати се обидовме да најдеме основа за нивните постапки и реторика. Апсолутно нема логика во нивното однесување“.
Во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски порача дека преговорите со Бугарија би требало да се одвиваат во присуство на претставници од Европската унија или НАТО за да се слушнат аргументите објективно. На 29 септември тој изјави дека реформите кои ги спроведува земјата треба да бидат основа за оценување на напредокот кон ЕУ и дека присуството на претставници од ЕК ќе им даде суштина на разговорите.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, изјави дека дијалогот со Софија има поддршка од институциите на ЕУ и земјите членки, додека еврокомесарката за проширување Марта Кос, на прес во Брисел на 4 ноември, порача дека условите за деблокирање на преговорите се јасни и вклучуваат усвојување на уставните измени договорени во 2022 година.
Дел од дискусијата беше и официјалната посета на швајцарскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, кој рече дека ОБСЕ може да помогне во евроинтегративниот пат преку набљудување на владеењето на правото и олеснување на односите со соседите.
Фото: Архива


