Андоновски: Нацрт‑спогодбата за роаминг со ЕУ ја пративме со забелешки, очекуваме брз одговор
Андоновски најави дека текстот е испратен во ЕК, дека преговорите за вклучување во шемата „Роаминг како дома“ продолжуваат и дека се очекува брз одговор.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на прес‑конференција соопшти дека пред една недела Владата усвоила рамка и нацрт‑спогодба со Европската Унија за роаминг, и дека текстот е вратен во Европската комисија со забелешки.
Андоновски рече дека со Комисијата се започнати разговори за надминување на трошоците за роаминг и за обезбедување на интернет, мобилна телефонија и СМС‑пораки за македонските граѓани кога патуваат во земјите на ЕУ по условите од нивните домашни претплатнички пакети.
„Пред една недела на Влада донесовме и рамка и нацрт‑спогодба со ЕУ, што значи дека веќе го имаме текстот за нацрт‑спогодбата, го вративме со коментари во Европската комисија. Тоа е начинот на кој се преговара, и очекувам во краток период да добиеме повратно да видиме каде можеме да се најдеме за некои од забелешките кои ние ги имавме и да одиме потоа на потпишување и ратификација на спогодбата“, рече Андоновски одговарајќи на новинарски прашања.
Процедурата и опфатот
Европската комисија ги започна преговорите со шест партнери од Западен Балкан за нивно вклучување во европската шема „Роаминг како дома“. Преговорите ги опфаќаат Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Иницијативата ја најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на регионот во октомври.
За приклучување на шемата потребно е склучување поединечни договори со секоја држава и целосно усогласување на националното законодавство со правилата на ЕУ за роаминг, по што Комисијата ќе ги предложи до Советот на ЕУ за одобрување. По вклучувањето, граѓаните на земјите од Западен Балкан ќе можат да користат повици, СМС и мобилен интернет во земјите на ЕУ според условите на нивните домашни пакети, а истите правила ќе важат и за европските граѓани кои патуваат во регионот.
Министерот исто така посочи дека во наредниот период ќе се зголемуваат и услугите од областа на е‑услугите, вклучително и регистар на авторизации што ќе биде корисна алатка за компаниите. „Очекувам дека првите услуги кои ќе ги промовираме ќе бидат услуги од Министерството за внатрешни работи“, додаде Андоновски.
Фото: прес-материјал од настанот


