Алта банка АД Битола вели дека е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење
Банката потврдува дека граѓаните имаат пристап до депозити, дека е под супервизија на Народната банка и дека настаните во Србија не ја засегаат нејзината состојба.

Алта банка АД Битола соопшти дека е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење, откако Народната банка на Србија донесе одлука српската Алта банка да остане без лиценца за работа.
Во соопштение објавено на нивната Facebook-страница банката потврдува дека сите експозитури и банкомати функционираат нормално и дека клиентите имаат непречен пристап до своите средства. "Граѓаните можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење", се вели во соопштението.
Самиот субјект е регистриран во земјава
Алта банка нагласува дека битолската единица е самостојно правно лице, регистрирано во земјава, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на македонската Народна банка.
„Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на Алта банка АД Битола“, велат од банката и додаваат дека околностите во земјава се суштински различни од оние во Србија.
Во соопштението се посочува дека банката работи врз основа на професионални, деловни и регулаторни принципи, располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народната банка. Депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити. "Ги уверуваме нашите клиенти дека Банката продолжува со редовно работење и исполнување на своите обврски. Нивните средства им се достапни и нема ограничувања во користењето на банкарските услуги надвор од вообичаените услови на работење", се заклучува во соопштението.
Фото: Bijonse / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)


