Славески: Самиот факт дека средства се префрлаат од една во друга земја не значи дека станува збор за сомнителна активност
Гувернерот вели дека Народната банка го следи работењето на банките и дека непроверени тврдења не треба да предизвикуваат паника.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, денеска изјави дека префрлувањата на средства меѓу земјите се вообичаена појава во модерната економија и дека самиот факт на трансфер не укажува автоматски на криминална или сомнителна активност. Тој подвлече дека домашниот банкарски систем е стабилен и дека централната банка континуирано го следи нивото на ликвидност, капиталната позиција и изложеноста на ризици во сите банки.
Славески оцени дека прашањата за наводните трансфери од Србија треба да ги расчистат надлежните институции во таа земја и посочи дека Народната банка на Србија веќе излегоа со официјално соопштение, додека непроверени тврдења за други банкарски системи не треба да се коментираат.
Во својата изјава тој рече: "Во современата економија, во која земјите и финансиските пазари се тесно поврзани, прекуграничните финансиски текови се вообичаен дел од економските активности. Компаниите вршат плаќања кон странски добавувачи, банките извршуваат трансакции за своите клиенти, а инвеститорите вложуваат средства и на домашните и на странските пазари. И нашата земја има приливи и одливи на капитал, вклучително и преку портфолио-инвестициите во странство."
Опозицијата бара одговори
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) го обвини премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот Трајко Славески и Јавното обвинителство дека молчат поради наводите дека по изборниот пораз на Александар Вучиќ во Србија во земјава се префрлаат големи суми преку „Алта банка“. Од партијата посочуваат дека Мицкоски и гувернерот се најповикани да дадат објаснувања, тврдејќи дека влезот на „Алта банка“ се случил со нивно знаење и одобрување.
Гувернерот ги повика граѓаните да ја темелат довербата во банкарскиот систем на проверени информации и факти и увери дека Народната банка ќе продолжи да работи на зачувување на стабилноста, еден од клучните столбови на економијата. Тој потсети дека квалитетот на супервизорската рамка на Народната банка беше потврден во 2021 година, кога Европската комисија ја оцени домашната регулатива и супервизија за банките како еквивалентна на стандардите на Европската Унија.
Фото: прес-материјал од настанот


