Државниот завод за ревизија: 14,2 милијарди денари насочени за развој на домашната економија
Ревизија покажа усогласеност во управувањето со кредитна линија од 250 милиони евра; 767 проекти добија 14.256.936 илјади денари, со фокус на производство и опрема.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Кредитна линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва со средства од Договорот за задолжување од Буџет на Република Северна Македонија“ за одобрени кредити во периодот јануари 2025 — февруари 2026 година.
Кредитната линија изнесува 250 милиони евра во денарска противвредност и се имплементира преку соработка помеѓу Владата, Министерството за финансии и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, а операционализирана е преку дванаесет комерцијални банки-учеснички.
Заклучок од ревизијата и услови на поддршката
Врз основа на обезбедените докази, „добие́но е разумно уверување за изразување на позитивен заклучок дека активностите на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, во однос на правната рамка и управувањето со средствата од оваа кредитна линија, се во согласност во сите материјални аспекти со применетата релевантна законска и подзаконска регулатива, интерни акти и договори.“ Поддршката беше дадена под поволни економски услови: максимален износ до 10 милиони евра по корисник; рок на отплата до 15 години со вклучен грејс период до 3 години; фиксна каматна стапка од 1,95%, без дополнителни надоместоци за одобрување и управување; и сопствено учество на компаниите од минимум 20% од вредноста на инвестицијата.
Во рамките на ревизијата беше проверено 123 развојни проекти во вредност од 7.334.103 илјади денари, што опфаќа 52% од вкупно повлечените средства до февруари 2026 година, кои изнесуваат 14.080.298 илјади денари. Инвестицискиот циклус продолжи со позитивна динамика и во периодот март–април 2026 година, кога беа одобрени средства за дополнителни 15 проекти во износ од 167.638 илјади денари.
Вкупно се одобрени 767 проекти со вкупен износ од 14.256.936 илјади денари. По големина на субјекти, малите претпријатија предводат по масовност со 455 одобрени проекти (59% учество) во вредност од 3.565.574 илјади денари (25% од финансискиот удел). Големите субјекти заземаат 94 проекти (12% од бројот) со одобрени 4.720.384 илјади денари (33% од вредноста). Средните фирми имаат 171 проект (22%) и 4.606.378 илјади денари (32%), додека микро субјектите се наменети за 47 проекти со 1.364.600 илјади денари (10%).
Распределбата по дејности покажува развоен профил: домашното производство доминира со 281 одобрен проект во износ од 6.292.415 илјади денари (44% од кредитната маса). Трговијата апсорбирала 3.499.227 илјади денари преку 194 проекти (25%), транспортот 1.451.457 илјади денари преку 129 проекти (10%), градежништвото 988.498 илјади денари во 63 проекти (7%), угостителството и хотелиерството 852.327 илјади денари во 37 проекти (6%), а останатите дејности 1.173.012 илјади денари во 63 проекти (8%).
Анализата според намена покажува дека компаниите вложуваат во долгорочни капацитети: 46% од средствата (6.624.874 илјади денари) се наменети за градежни објекти, 39% (5.478.364 илјади денари) за современа опрема, 11% (1.599.280 илјади денари) за транзиција кон обновливи извори на енергија и 4% (545.418 илјади денари) за обнова на транспортни средства.
Фото: прес-материјал од настанот


