Ана Гоговска‑Јакимовска: Вештачката интелигенција може да ги забрза постапките, но одговорноста останува
Јавната обвинителка и други говорници предупредија на потреба од човечки надзор, стриктни правила и дигитална форензика.

Вештачката интелигенција може значително да ги забрза судските и обвинителските постапки при анализа на големи обеми податоци, но одговорноста за материјалите што ги поднесуваат правниците останува лична, порача денеска јавната обвинителка Ана Гоговска‑Јакимовска.
Ова беше централната порака на дебатата „Вештачката интелигенција во правосудството: можности и предизвици?“, што денеска се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Гоговска‑Јакимовска, јавна обвинителка во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), оцени дека системите базирани на ВИ би заштеделе драгоцено време при обработка на илјадници банкарски трансакции, сметки, комуникации и електронски уреди во услови на кратки законски рокови. Таа појасни дека во Обвинителството сè уште не се користи ваква вештачка интелигенција, туку стандардни софтвери за анализа и поврзување докази, но изрази надеж дека наскоро ќе бидат воведени посовремени алатки.
„Секогаш проверувајте ги податоците, одговорноста е лична“
Таа предупреди на ризиците од слепо потпирање на технологијата и потсетува дека одговорноста останува кај поединецот: "Не можете, ако изготвите обвинителен акт користејќи вештачка интелигенција, а таа ве насочи погрешно, да отидете кај судијата и да му речете: ‘Судија, извинете, меѓутоа вештачката интелигенција ме насочи погрешно’. Одговорноста останува лична, ваша и затоа секогаш треба да ги проверувате податоците што сте ги прибавиле врз основа на употребата на таа вештачка интелигенција".
Гоговска‑Јакимовска додаде дека ВИ никогаш нема да може да ја замени улогата на судијата или обвинителот поради неопходниот човечки контакт, емпатијата и комуникацијата со странките. Таа укажа и на сè почестите злоупотреби со „дипфејк“ (deepfake) фотографии, видеа и гласовни пораки за изнуда на пари, при што дигиталната форензика има клучна улога за утврдување на автентичноста и законитоста на доказите во кривичната постапка.
Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, истакна дека темпото со кое се развива вештачката интелигенција ги надминува предвидувањата од пред само неколку години и отвора сериозни дилеми за регулација. "Овие вредности мора да останат во сржта на нашето дејствување. Развојот на вештачката интелигенција не значи дека треба да се откажеме од принципите на транспарентност и одговорност ниту од начелото на човечки надзор врз овие процеси", нагласи тој и посочи дека заштитата на човековите права мора да остане пред технолошките и финансиските интереси.
Професорката Тanja Каракамишева предупреди дека некритичкото преземање информации од ВИ‑алатки веќе носи сериозни санкции во пракса. Како илустрација таа го посочи решението на Европскиот суд за човекови права од 13 ноември, со кое адвокатка од Албанија ѝ било забрането во иднина да застапува жалители пред Судот поради користење непостоечка судска пракса и несоодветни извори. Каракамишева рече дека универзитетите треба да ги учат идните правници на самостојно правно резонирање и да ја третираат ВИ исклучиво како помошна алатка. Таа додаде дека со поддршка од Министерството за образование и наука факултетот е во завршна фаза на изработка на интердисциплинарна публикација на англиски јазик за човековите права и владеењето на правото во сферата на ВИ, како и анализа за усогласување на домашното законодавство со европската регулатива, паралелно со подготовката на Националната стратегија за вештачка интелигенција.
Дебатата ја организираа Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“, француската Национална школа за судии и јавни обвинители (ENM) и Expertise France како дел од пошироката поддршка за реформи и дигитализација на македонското правосудство.
Фото: МИА


