Андоновски: Очекувам во 2027 камен-темелник за националниот центар за податоци
Локацијата е утврдена и се работи на урбанизирање и обезбедување финансирање; министерот најави и стратегија и закон за вештачка интелигенција.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува во 2027 година да биде поставен камен-темелник на националниот податочен центар, откако ќе се завршат урбанистичките работи на локацијата и ќе се обезбеди финансирање од меѓународни партнери.
„Ја утврдивме локацијата, точно ја знаеме парцелата. Сега ќе работиме на нејзино урбанизирање, поврзување, за да може да аплицираме. Активно бараме извори на финансирање кај нашите меѓународни партнери. Така што, кога ќе имаме договор за двата аспекта - утврдена локација со урбанистички проект и избран финансиер - ќе излеземе во јавноста,“ рече Андоновски, додавајќи дека на јавноста ќе ѝ покажат проект со изработена студија за влијанието врз животната средина и социјалната студија.
Министерот соопшти дека се работи и на привлекување приватни инвестиции за комерцијални центри за податоци. Според него, имаат нотирано неколку потенцијални локации и често одржуваат средби со заинтересирани меѓународни инвеститори.
„Нотиравме определени локации и за нив разговараме со потенцијалните инвеститори, но сè уште немаме конкретен проект за да можам да зборувам во јавност. Силно сме заинтересирани за ова прашање и утре имаме конференција со приватниот сектор на која нашите компании ќе дискутираат кои се нивните можности кои ќе им ги понудат на потенцијалните инвеститори во центри за податоци - во смисла на инфраструктура, знаење, изградба, одржување на тие системи, електроенергетска мрежа, поврзување... Драго ми е што и приватниот сектор се буди, сака да се појави на пазарот и самиот тој ја организира оваа конференција,“ рече министерот.
По неодамнешната поплава и исклучувањето на струјата во зградата на поранешна „Нова Македонија“, каде што беа засегнати неколку министерства и податоци на Министерството за дигитална трансформација и националниот портал за е-услуги, серверите беа преместени на нова локација во рамките на Министерството за да се спречи прекин во услугите за граѓаните.
Отпорност, протоколи и вештачка интелигенција
„Вакви случаи, кога несоодветно се чува опремата, кога нема доволно осигурување, обезбедување и струја, може да се случуваат постојано на критични системи во државата. Имавме среќа што ние сме подготвени како Министерство, веднаш реагиравме, но не можам да гарантирам дека секоја институција во државата е подготвена на ист начин да реагира. Кога имаме национален податочен центар, тоа е обврска на една институција да се грижи, таа си има протоколи, начин на постапување и нема да дозволи вакви работи да направат прекин во критичната инфраструктура, затоа што ќе има второ напојување, ќе има батерии, ќе има агрегати за заштита...,“ додаде Андоновски, нагласувајќи ги мерките што ќе ги обезбеди централната инфраструктура.
Тој информира и дека експертите веќе го подготвиле првиот текст на стратегијата за вештачката интелигенција и дека многу скоро ќе започнат широки дискусии и консултации со јавноста за собирање сугестии и забелешки. „Нема да брзаме, но очекувам дека до крајот на годината ќе имаме финален текст. Мислам дека сме подготвени, имаме многу солиден текст. Една од првите активности што ќе ги имаме е донесување на закон за употреба на вештачката интелигенција во 2027 година и очекувам дека тој закон ќе ја поттикне употребата,“ рече Андоновски, додавајќи дека целта е вештачката интелигенција да се користи за добро, наместо да се злоупотребува.
Фото: прес-материјал од настанот


