Комисијата продолжи со амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027
Дел од амандманите опфаќаат заштита на Охрид, пречистителни станици и локални проекти, при вкупно 400 поднесени амандмани.

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието ја продолжи амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027 година, при што денес беа разгледани 12 амандмани поднесени од опозицијата. За предложениот буџет вкупно се поднесени 400 амандмани од овластени предлагачи.
Амандманите од Левица се однесуваа на обезбедување дополнителни средства за урбанистичко уредување, евидентирање и заштита на просторот во рамките на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, за финансирање на општините за изработка на детални урбанистички планови, зголемување на средствата за Државниот инспекторат за животна средина со цел почести и понавремени проверки на индустриските загадувачи, како и обезбедување финансиска рамка за продолжување и завршување на проектот на пречистителната станица на територијата на општина Чучер Сандево за населбите Бел Камен и Кучевишка Бара.
Одговор на Владата и одлуки на Комисијата
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски истакна дека амандманот за спроведување активности за урбанистичко уредување на Охридскиот регион се одбива затоа што Владата веќе презела конкретни мерки за заштита на овој регион.
-Владата веќе презема конкретни мерки за заштита на Охридскиот регион преку меѓуинституционална координација, усогласување на урбанистичкото планирање и спроведување на препораките од УНЕСКО. Формиран е и кризен штаб, доставен е извештај до УНЕСКО и е утврден план за понатамошно постапување. Ова ќе се реализира во рамките на планираните средства - рече Јанкуловски.
Поднесените амандмани од СДСМ и коалицијата се однесуваа на доизградба на колекторскиот систем и изградба на пречистителна станица во Крива Паланка, обезбедување средства за набавка на комунална механизација и возила за потребите на одржување на јавната хигиена, миењето и чистењето на улиците и редовното собирање на кабаст отпад во општина Карпош, како и за обезбедување средства за набавка на специјализирани комунални возила и машини за потребите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило" во Куманово.
Отфрлени беа и четири амандмани поднесени од „Европски фронт", кои бараа финансиски средства за реконструкција на коритото на реката во липковското село Матејче, за продолжување на уредувањето на речното корито во село Оризари, 16 милиони денари за завршување на изградбата на коритото во Оризари и 12 милиони денари за завршување на изградбата на речното корито во село Слупчане.
Седницата на Комисијата за финансирање и буџет продолжи по редовната пауза и ќе продолжи со разгледување на предлог-буџетот за 2027 година.
Фото: прес-материјал од настанот


