Месото, јајцата и лебот поскапуваат — производителите најавуваат повисоки цени, Владата најавува контроли на маржите
Производителите го оправдуваат поскапувањето со повисоки цени на енергенси и суровини; државата ќе ги следи маржите.

Производителите најавуваат поскапување на месото, јајцата и лебот поради зголемени влезни трошоци, главно на енергенси и суровини. Властите најавуваат контроли на синџирот и мерки ако трговците ја зголемат бруто‑профитната маржа повеќе од дозволеното.
Министерството вети контроли на маржите, производителите најавуваат поскапувања
Министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека пазарната инспекција ќе го следи целиот синџир од производител до трговец за да спречи пет отстотни поскапувања да станат 20 или 30 проценти и повеќе. „Кога се дава наредба на пазарната инспекција, тие контролираат се, целиот синџир, производителот, дистрибутерот и трговецот и гледаат брутопрофитната маржа да не оди над 15%. Ќе гледаме да им излеземе во пресрет на граѓаните..ако имаме зголемување на бруто профитните маржи, тогаш имаме соодветни мерки да ги ограничиме цените“ рече Бесар Дурмиши, министер за економија.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека порастот на трошоците за храна и пијалаци е под 2 проценти годишно и нагласи дека Македонија има една од најниските стапки на инфлација во регионот и во ЕУ.
Производителите на свинско месо најавуваат околу пет отсто поскапување на нивото на фармата, но колку ќе се пренесе на рафтовите останува да се види. „Сега најавуваме дека ќе иде некои 5 денари, што не е ни 5%“, рече Бојан Ѓорѓиевски, претседател на Здружение на производители на свинско месо „Македонско прасе“.
Кај јајцата, побарувачката и цената на енергенсите се главните фактори што ќе влијаат на цената. „Моето очекување е дека во овој период па до поминување на празниците можам да кажам некаде до крајот на јануари, дека ќе има поместување на цените, поскапување на цените бидејќи сепак тоа зависи од побарувачката", рече Абдулезел Догани, директор на „Везе Шари”.
Пекарската индустрија со недели предупредува на зголемување на цената на лебот, главно поради поскапување на енергенсите. Владините контроли на бруто‑профитните маржи имаат за цел да ги спречат трговците да го надградат реалното зголемување на трошоците со непропорционално високи нацени.
Фото: прес-материјал од настанот


