Андоновски во Сеул: Пристапот до вештачка интелигенција мора да биде еднаков за сите
На конференцијата на Светска банка во Сеул Андоновски предупреди дека нееднаквиот пристап до AI може да го продлабочи јазот меѓу развиените и помалку развиените држави.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски е во Сеул, Јужна Кореја, каде учествува на глобален состанок за вештачка интелигенција и дигитализација што го организира Светска банка.
Пред претставници од околу 70 држави, Андоновски говореше за можностите кои ги нуди вештачката интелигенција, но и за ризиците и предизвиците поврзани со нејзината примена.
"Не смее да се дозволи богатите држави, државите што се развивиени да имаат поголем пристап до просторот за вештачка интелигенција од помалите. Како држави мораме да вложиме во тоа да го направиме секој граѓанин, секој мал и среден бизнис има еднаков пристап до алатки базирани на вештачка интелигенција, во спротивно можеме да ризикуваме дека јазот помеѓу развиените и помалку развиените држави ќе се зголемува наместо да се намалува" - истакна Андоновски.
Средби со меѓународни и корејски претставници
Во рамки на посетата, министерот остварил средби со потпретседателот на Светска банка задолжен за вештачка интелигенција и дигитализација, како и со претставници од Министерството за економија и финансии на Република Кореја.
Андоновски посочи дека посетата ќе заврши со состаноци со претставници на Светска банка посветени на проекти од областа на дигитализацијата во Северна Македонија, со цел да се прошири пристапот до алатки базирани на вештачка интелигенција за граѓаните и малите и средни претпријатија.
Фото: прес-материјал од настанот


