Почетна
Македонија

Ангелов: Пожарот на Пелистер е под контрола, целта беше огнот да не навлезе во квалитетната шума на паркот

ДЗС: најкомплексни пожари се кај Пелистер и кај Градец; ангажирани се земски тимови, полициски и армиски хеликоптери.

·Македонија
Ангелов: Пожарот на Пелистер е под контрола, целта беше огнот да не навлезе во квалитетната шума на паркот

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарот што пред два дена избувна на преспанската страна, во подножјето на Националниот парк „Пелистер“, по интензивните интервенции на теренските екипи е ставен под контрола.

„Во текот на ноќта и утрово водевме жестока битка со огнените јазици. Можам да кажам дека пожарот е ставен под контрола и дека огнената линија, која вчера во попладневните часови ни избега, е запрена“, рече тој, оценувајќи го настанот како еден од најтешките шумски пожари оваа сезона и додавајќи дека главната цел е да се спречи навлегување на огнот во квалитетната шума на паркот.

Интензивни акции од земја и воздух

На терен се ангажирани пожарникари од Ресен и од Битола, тимови на ДЗС со пет специјализирани возила „пинцгауер“, доброволни пожарникари и екипи на „Национални шуми“. Во гаснењето од воздух е вклучен армиски хеликоптер со ведро со капацитет од три тони вода, а по потреба ќе бидат ангажирани и двата „ертрактори“ на ДЗС.

Како втор сериозен пожар, Ангелов го посочи огнот кај селото Градец во Општина Врапчиште, каде што огнот зафатил борова шума на тешко пристапен терен. „Утрово, со дејство почна полициски хеликоптер, кој црпи вода од блиско езеро и интервенира на секои пет-шест минути. Хеликоптерот значително помага во запирањето на ширењето на пожарот кон селото“, додаде директорот на ДЗС.

На пожарот кај Градец работат гостиварските пожарникари, а по потреба ќе бидат упатени и дополнителни сили. Според Ангелов, во текот на вчерашниот ден се регистрирани повеќе од 23 пожари на отворен простор, од кои седум биле активни утринава; останатите активни пожари во моментов не создаваат сериозна закана за населени места или квалитетни шумски комплекси.

Ангелов апелира до граѓаните да бидат максимално внимателни, нагласувајќи дека и покрај тоа што почнува септември, ризикот од пожари останува исклучително висок.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи