Анкетните комисии за Кочани „посипани со пепел“
Родителите бараат од Собранието конкретни чекори: 17 месеци по трагедијата, анкетните комисии сè уште не профункционираа.

Анкетните комисии што требаше да ги расветлат околностите и одговорноста за кочанската трагедија сè уште не профункционираа — 17 месеци по настанот, а родителите велат дека се измориле од најави и сакаат конкретни постапки и резултати.
Родителите на дел од младите што загинаа во несреќата велат дека од Собранието немаат добиено никаква официјална информација и бараат постапување. „Сè уште нема ништо конкретно. Поминаа 17 месеци од трагедијата, а комисиите за кои беше најавено дека треба да профункционираат сè уште не се формирани, односно немаме информација дека почнале со работа. Ние како родители постојано прашуваме и очекуваме конкретни чекори. По 17 месеци, веќе не ни се потребни најави и ветувања, туку постапување, одговори и резултати. Ако добиеме каква било официјална информација, веднаш ќе ја споделиме,“ вели Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“.
Што останува недовршено
Анкетната комисија за четирите трагедии беше формирана во декември, а истиот месец претседателот на Постојаната анкетна комисија, пратеникот Димитар Апасиев, достави предлог-заклучоци, кои ВМРО-ДПМНЕ не ги прифати. Оттогаш поминаа осум месеци без усогласени заклучоци, а за посебната комисија што требаше да ја испитува кочанската трагедија сè уште нема предлог-имена од парламентарните групи за да биде комплетирана и да почне со работа.
Од Собранието велат дека за Анкетната комисија иницирана од парламентарното мнозинство се чекаат предлози за членови, додека кај Постојаната анкетна комисија се работи на постигнување консензус меѓу членовите за заклучоците што треба да произлезат од работата на комисиската расправа.
Апасиев најави средба со родителите, но заклучоците што ги предложи останаа неизгласани бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа. Во доставените предлози се најостро осудува институционалната нефункционалност што довела до трагедијата, се укажува на сериозни институционални слабости, на можност за прикривање одговорност и се предлага итна и решителна реакција на сите државни институции — вклучително и предлог за посебен закон за обесштетување на семејствата на жртвите и заострување на кривичната одговорност за службените лица што не постапуваат според законските овластувања.
Во меѓувреме, судските процедури продолжуваат: во една постапка се обвинети повеќе од 30 лица, меѓу кои и газдата на дивата дискотека, а се водат и уште две постапки против полицајци. Дел од полицајците беа неправосилно осудени за злоупотреба на службената положба, додека другите судења се уште траат. Премиерот Мицкоски пред новинарите изјави дека „правда на Анкетна комисија не може да има“, нагласувајќи дека единствено судскиот процес може да донесе праведна разрешница и изразувајќи сочувство за загинатите и поддршка за оние што се лекуваат.
Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ