Почетна
Македонија

Апелација ја потврди ослободителната пресуда за Никола Груевски во случајот „Талир 2“

Апелацискиот суд ја оцени жалбата на обвинителството како неоснована и ја потврди пресудата од 14 јули.

·Македонија
Апелација ја потврди ослободителната пресуда за Никола Груевски во случајот „Талир 2“

Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот познат во јавноста како „Талир 2“. Судот одлучи по нејавна седница одржана на 26 август годинава, при што беа разгледани списите на предметот.

Во одлуката е земен предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, по што Апелацискиот суд го процени дека жалбата е неоснована.

Образложение на судот

"При постапувањето и одлучувањето судот оцени дека преземените дејства од страна на обвинетиот Н. Г. од С., како одговорно лице во правното лице, се во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Во текот на постапката Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП „Бетон" имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија ниту, пак, постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија тие средства да ги врати".

Апелацискиот суд соопшти дека целосната одлука за предметот ќе биде достапна на веб-страницата на судот во согласност со Законот за судовите и правилата за управување со движењето на предметите, и дека јавноста дополнително ќе биде известена кога документот ќе биде објавен.

Основниот кривичен суд Скопје на 14 јули годинава го ослободи од обвинение поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Талир 2" за пречекорување на службените овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи