Почетна
Магазин

Аранѓеловден (21 ноември): зошто пченицата мора да биде на трпезата

Аранѓеловден се слави 21 ноември (8 ноември по стар стил); пченицата, лебот, виното и свеќата се четирите елементи што мора да бидат на масата.

·Магазин
Аранѓеловден (21 ноември): зошто пченицата мора да биде на трпезата

Македонската православна црква – Охридска архиепископија и верниците утре (21 ноември по нов, односно 8 ноември по стар стил) го слават Соборот на Свети Архангел Михаил — еден од најголемите есенски празници и честа домашна слава.

Многу македонски домови ќе бидат исполнети со мирис на славски леб, согорена свеќа и традиционални специјалитети, но годишно повторно се појавуваат дилемите: дали трпезата треба да биде посна или мрсна и дали се приготвува пченица (коливо).

За оваа година практичниот одговор е едноставен: бидејќи Аранѓеловден паѓа во сабота (21 ноември), а Божиќните пости започнуваат на 28 ноември, трпезата се подготвува мрсна.

Погрешно народно толкување за „живиот светец“

Во народното предание постои зацврстено верување дека за Аранѓеловден не се прави варена пченица бидејќи Свети Архангел Михаил е „жив светец“. Тоа толку многу се вкорени во некои семејства што изоставувањето на пченицата се смета за обичај што има црковна тежина.

Црквата, сепак, посочува дека тоа е заблуда. Пченицата се подготвува за Аранѓеловден, исто како и за секоја друга домашна слава. Варената пченица има длабока христијанска симболика — потсетува на воскресението и вечниот живот и се принесува во спомен на упокоените предци, а не за самиот светител. Затоа, свеќата, славскиот леб, виното и пченицата се четирите задолжителни елементи на трпезата.

Во православната традиција Свети Архангел Михаил е војвода на небесната војска, борец против злото и закрилник на праведните. Неговото име доаѓа од еврејски и значи „Кој е како Бога?" Празникот се слави во ноември бидејќи тој се смета за деветтиот месец по март (месецот кога се брои создавањето), што ги симболизира деветте ангелски чинови. На некои места се почитува и како заштитник на сточарите — се верува дека ги тера волците — а денот поттикнува и помагање на сиромашните и немоќните. Именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка.

На овој ден верниците палат свеќа за здравје и заштита на домот и го изговараат тропарот и кондакот посветени на небесните сили:

Тропар: "Архистратизи на небесните воинства, ние недостојните постојано ве молиме: со вашите молитви заштитете нe, под покровот на крилјата на вашата слава невештествена, пазејќи nе нас кои усрдно пред вас се поклонуваме, и кои повикуваме: од неволји избавете nе, како началници на вишните сили."

Кондак: "Архистратизи Божји, служители на божествената слава, на ангелите началници, и на луѓето наставници, просете го за нас она што е полезно, и милост голема, како бесплотни архистратизи."

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи