Асфалтот на улицата СТУ 3 во битолската касарна раскопан еден ден по асфалтирањето
Советници објавија снимки на 15 август од раскопан асфалт, еден ден по 14 август кога градоначалникот го промовираше проектот; изведувачот вели дека дел од асфалтот е отстранет поради дождот за да се обезбеди трајност.

Асфалтот на новата улица СТУ 3 во битолската касарна беше раскопан еден ден по прославата на завршувањето, што предизвика прашања за квалитетот на изведбата и контролата.
Советници од опозицијата на 15 август објавија снимки со раскопан асфалт, по дрон-објавата на градоначалникот од 14 август.
На 14 август градоначалникот Тони Коњановски објави видео снимено со дрон во кое се пофали дека улицата е асфалтирана, дека инвестицијата е 19 милиони денари (околу 308.000 евра) и дека ќе има 100 паркинг места. Следниот ден, 15 август, советници од опозицијата објавија снимки од раскопаните делови од новиот асфалт.
„Зошто се прават вакви пропусти, кој ќе ги надополни овие штети? Зошто се прават грешки, зошпо новиот асфалт повторно е отстранет? Граѓаните заслужуваат одговор“, рече советничката од СДСМ Софија Ристевска-Петрушева.
Советникот од независната граѓанска иницијатива Поинаку, Иван Чулакоски, ја нарече новата улица „Фушарска 3, вчера асфалтирана, а денес крпена“ и кажа: „Излезе градончалникот со дронови тука снимаа, СТУ 3 улица во касарната, вели, се асфалтира, 19 милиони денари ивестиција од повикот на Владата, само по 24 часа, нема ни толку, улицата раскопана. Сечи си, копај си и наново асфалтирај си“.
Општина Битола испрати соопштение од изведувачот „БВ Инженеринг“ во кое се вели дека по врнежите на 14 август, иако асфалтот бил изведен со задоволителен квалитет, компанијата одлучила, на свој трошок, да остранaт дел од површината за да обезбедат соодветен квалитет и трајност на изведбата. Од фирмата додаваат дека СТУ 3 сè уште е во фаза на изградба и не е предадена на инвеститорот, а дотогаш движењето на надворешни лица е забрането.
СТУ 3 е новопроектирана сообраќајница што ги поврзува улиците Глигор Прличев и Рокдајл и има вкупна должина од 421 метар. Средствата се обезбедени преку првиот повик на Владата преку Министерството за транспорт и врски. Претходно, на локацијата беше изведен сепаративен систем за фекална и атмосферска канализација од над 7 милиони денари (над 113.000 евра), улично осветлување од 1,9 милиони денари (над 30.000 евра), како и нова водоводна инсталација од 2 милиони денари (над 32.000 евра), со средства од владиниот повик и од Општина Битола.
Општината нагласува дека и други сообраќајници по реконструкција на мрежите повторно биле прекопувани и дека трошоците за санација биле на товар на изведувачите во тие случаи. Како примери се наведуваат Бурса, Стив Наумов, кружниот тек кај старата Ветеринарна станица, делови од новиот булеварски влез и други. На улицата СТУ 5, пак, аголот од трансформаторот излегува на коловозот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
Фото: СДК.МК)