Битолчанка пријави дека партнерот ја давел и ѝ се заканувал, осомничениот избега од полициска станица
Девојка од Битола пријави долготрајно малтретирање и закани; осомничениот побегнал при превземање на службени дејствија.

21-годишна битолчанка поднесе пријава дека нејзиниот партнер ја давел, ја удирал со тупаници и ѝ се заканувал дека ќе ја убие. Пријавата е поднесена на 10 ноември, а девојката пред полицијата кажала дека насилството траело околу година и полови-на, но поради страв досега не го пријавувала.
Осомничениот избега преку прозорец од полициска просторија
По пријавата, осомничениот доброволно дошол во полициската станица во придружба на родител. Но, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, кога полицајците му кажале дека ќе биде задржан, тој избегал преку отворен прозорец.
„При преземањето на службени дејствија од страна на полициските службеници, со намера да биде лишен од слобода, лицето преку отворен прозорец избегало од просторијата за развод. Веднаш биле испратени полициски службеници и преземени се мерки и активности за негово пронаоѓање, кои продолжуваат и во моментот“, велат од МВР.
Мајката на девојката, Бети Ангеловска, вели дека најпрво отиделе во болница и дека ќерката била прегледана на неколку одделенија бидејќи е удрена во главата, на лицето и на вратот. „Отидовме во болница, ја прегледаа на неколку одделенија, затоа што беше удрена во главата, на лицето и на вратот. Отидовме во полиција, направен беше записник, каде ќерка ми раскажа сè што се случи, дека ја давел и не можеше воздух да земе“, вели Бети Ангеловска, мајка на девојката.
Ангеловска додава дека имаат и пораки од социјалните мрежи во кои, според неа, осомничениот постојано упатувал закани кон девојката и семејството: „Имаме докази, цел разговор на Инстаграм е со закани. Ќе те убијам, ќе ја убијам мајка ти. Често не сакаше да оди кај него, но беше присилена. И пишуваше: ела, оти ќе те отепам, и пишуваше дека ќе и става игли под ноктите“, додава Бети Ангеловска.
По проценка на Центарот за социјални работи, девојката е сместена во шелтер-центар. На судско рочиште одржано на 13 ноември таа се појавила, но пријавениот не бил присутен; поради неуредна достава на поканата, рочиштето е презакажано за 18 ноември.
Во полицискиот билтен од 11 ноември беше објавено дека девојката пријавила физички напад и подолготрајно малтретирање, но не беше наведено дека пријавениот избегал од полициската станица. Сега Одделот за внатрешна контрола ќе утврдува дали има одговорност во постапувањето на полициските службеници.
Фото: прес-материјал од настанот


