Атанасов: Создаваме тим за брза кошарка и борба на терен
Тренинг‑кампот во Негорски Бањи и контролите покажуваат дека тимот ќе инсистира на брза игра и напад.

Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром веќе неколку недели интензивно се подготвува за новата сезона, а тренерот Васко Атанасов ги опиша очекувањата и фокусот на екипата пред официјалниот дел од календарот.
Работа на кампот, висок резултат во пријателски и јасна играчка замисла
Атанасов истакнува дека кампот во Негорски Бањи служел за зацврстување на техничко‑тактичките елементи и за подигнување на физичката подготвеност, а дека екипата одговорила на барањата од стручниот штаб.
„Мислам дека создадовме многу компактен, разноврстен и борбен ростер кој сигурно ќе игра кошарка каква што треба да игра МЗТ Скопје. Направивме промени, имаме нови лица во тимот и верувам дека ќе направиме целина која најдобро што може ќе одговори на секој од предизвиците што се пред нас. Во времето кое помина зад нас, согледавме како овој тим може да игра и колку може да напредува. Тоа е всушност нешто што посебно ме радува и верувам дека ќе биде вистинско задоволство да се гледа во текот на сезоната“ , вели Атанасов па додава.
„Тренинг кампот во Негорски Бањи го искористивме за унапредување на техничко-тактичкиот дел, како и за кревање на физичката форма пред периодот во кој ќе ги одиграме подготвителните натпревари кои ќе ни ги покажат нашите добри и лоши страни. Играчите работеа доста напорно и секако сум задоволен од сработеното на теренот“ , дополнува тренерот на актуелниот шампион, па се осврна на првиот пријателски дуел против Кожув на кој тимот на МЗТ Скопје Аеродром постивна 111 поени.
„Натпреварот против Кожув покажа некои црти од тоа како нас како стручен штаб ни е замислено овој тим да игра. Секако, со ростер полн со потентни офанзивни играчи, брзата игра и нападот ќе бидат нешто на кое ќе инсистираме. Останува да продолжиме да работиме и да го унапредуваме тоа што веќе го имаме.“
Атанасов не крие дека амбициите на клубот остануваат високи.
„Моите очекувања со МЗТ се секогаш исти – напад на секој трофеј и победа на секој натпревар! Најважно ми е на секоја средба да го дадеме максимумот, да се бориме до крај и да не ги оставиме навивачите разочарани. Сигурен сум дека таквиот пристап ќе нѐ донесе до посакуваната цел“ , поентира стратегот на сино-белите.
Следниот контролен натпревар на МЗТ во подготовките е закажан против ГКК Штип в среда (9 септември 2026), при отворањето на спортскиот центар „Џексон“ во тој град.
Фото: прес-материјал од настанот


