Почетна
Македонија

Августовски испитен рок за матура на 12 и 14 август; полагање во четири града

Испитите на 12 и 14 август ќе се одржуваат во четири града на осум локации; во август пријавени 1 328 ученици за државна матура.

·Македонија
Августовски испитен рок за матура на 12 и 14 август; полагање во четири града

Августовскиот рок за екстерните испити од матурата за кандидатите кои во јуни не ја положија или не ја завршија ќе се одржи утре, 12 август, и во вторник, 14 август, со почеток во 9 часот. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), во август за државна матура се пријавени 1 328 ученици, за стручна матура 126 и 6 ученици за уметничка матура.

Утре, 12 август, е тестот по изборниот екстерен испит – математика или англиски јазик. За другите странски јазици – германски, француски, италијански и руски (кои ги полагаат само гимназијалците) во август нема кандидати, ниту пак за предметот историја, кој е наменет за уметничката матура.

Испитните локации: четири града, осум пунктови

Поради значително помал број кандидати во август отколку во јуни, оваа испитна сесија ќе се организира во четири градови на осум локации. Повторно ќе се реализира на факултетите – Економскиот, Градежниот и Педагошкиот во Скопје, како и на факултети во Тетово, Прилеп и Штип. Од средните училишта полагање ќе има единствено во спортската сала на АСУЦ „Боро Петрушевски"-Скопје, каде што ќе бидат тестирани ученици од повеќе училишта. ДИЦ на својата веб-страница објави список за учениците да се информираат од кое училиште каде ќе биде локацијата за полагање.

Меѓу кандидатите што оваа недела ќе полагаат матура се и 226 матуранти на кои им бил поништен испитот во јуни – дел затоа што биле фатени како препишуваат на самиот испит, а за дел е утврдено дека препишувале откако им се прегледани тестовите.

Просечната оценка од полагањето матура во јуни е 3,66 за сите три типа матура, кои годинава беа воведени првпат: за државна матура просечната оценка е 3,62, за стручна матура 3,91 и за уметничка матура 3,59. Просекот од лани беше 3,69, додека во 2024 година просечната оценка изнесуваше 3,26.

„Можеме да бидеме сосема задоволни и се надевам дека овој резултат ќе го одржиме. Веќе треба само да го одржуваме. Ако е поголем ќе бидеме пресреќни. Ценам дека ова се објективни резултати. Училиштата, факултетите каде се организираа дел од тестовите, тестаторите кои беа околу 2 500 на број, околу 200 набљудувачи и оценувачите беа добро подготвени. Се разбира, и учениците сериозно го сфатија процесот. Годинава првпат се полагаше по нова Концепција која предвиде три типа на матура, со што сите ученици се тестираа по материјалот кој реално го изучувале во четирите години на средно образование, што не беше случај во минатото кога сите се тестираа по еден ист материјал. Задоволна сум што две години по ред се одржува речиси идентичен просек, за разлика од 2024 година кога изнесуваше 3,26," рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.

За јуниската испитна сесија од учебната 2025/2026 година беа пријавени 14 587 ученици: 12 184 за државна матура, 2 276 за државна стручна матура и 127 за државна уметничка матура. На полагањето не се појавиле 348 пријавени, односно 2,39% од вкупниот број.

По објавувањето на резултатите во јуни, биле поднесени 805 приговори, односно 2,86% од вкупниот број матуранти што полагале; за дел од приговорите биле прифатени 0,95% од поднесените приговори. Увид во тестовите извршиле 133 ученици.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи