АВМУ ги осудува ставовите на Петар Богојески кои релативизираат и оправдуваат насилството врз жените
Агенцијата по увид во дебатната емисија на ТВ Алфа ги окарактеризирала изјавите како неприфатливи и спротивни на човековите права.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги осуди ставовите на Петар Богојески, оценувајќи дека тие ја релативизираат и во некоја мера ја оправдуваат насилната практика врз жените и децата.
Увид во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа
АВМУ соопшти дека извршила увид во емисијата „Под лупа“, емитувана на ТВ Алфа, во која гостувале Петар Богојески — претседател на партијата „Македонски Концепт“ — и Катерина Котеска, адвокатка специјализирана за семејно право и семејно насилство. По разгледувањето, агенцијата ги оценила пораките на Богојески како неприфатливи и спротивни на принципите на човековите права, еднаквоста и човечкото достоинство.
Во соопштението од АВМУ се наведува: "Насилството, понижувањето и нееднаквоста не се традиционални вредности и не можат да бидат оправдани под каков било изговор. Особено е недозволиво физичкото насилство врз децата да се претставува како прифатлив начин на воспитување, или насилството врз жените како нормален дел од семејните односи".
Агенцијата истакнува дека, од регулаторен аспект, новинарката која ја водела емисијата постапувала согласно професионалните новинарски стандарди, поставувала релевантни прашања, ги доведувала во прашање изнесените тврдења и барала нивно дополнително образложение.
Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на социјалната мрежа Фејсбук ги осуди ставовите на Богојески, оценувајќи ги како понижувачки, ретроградни и опасни за жените, и посочи дека го навредуваат достоинството на жените и го поткопуваат демократското општество.
Во емисијата, Богојески зборуваше за феминизмот, брачните односи и улогата на мажот во однос на жената, посочувајќи дека феминизмот ги поттикнал жените да го отфрлат машкиот надзор и дека сопругот треба да има улога на надзорник.
Фото: прес-материјал од настанот


